ВестиКултура

Дваесет години звук на традиција Јубилејна „Средба на гајдаџии“ во Качарево

Во септември во Качарево се одржа јубилејната 20. Средба на гајдаџии, во организација на македонското здружение „Вардар“ од Качарево, настан што успешно го чува и негува богатото нематеријално културно наследство, музичката традиција и пријателството помеѓу српскиот и македонскиот народ. Манифестацијата, која веќе две децении го негува звукот на традиционалните инструменти и ги поврзува луѓето од различни краишта, под мотото „Сличности и разлики во гајдите“.

По тој повод, Качарево беше домаќин на бројни учесници од Србија и Северна Македонија. Меѓу гостите беа гајдаџии од Оризари, свирачи на зурли и тапани од Вевчани, како и студенти по етномузикологија од Скопје.

Од Србија учествуваа претставници од Омољица, Белград, Борча, Бачка Паланка, Сврљиг, Крагуевац и Гудурица.

Годинава  манифестацијата ја најавија самите учесници кога на фијакер поминаа низ улиците на Качарево и во дефиле со звуците на традиционалните инструменти  го најавија почетокот на јубилејната средба.

Манифестацијата свечено ја отвори претседателката на Националниот совет на македонското национално малцинство во Република Србија, Зорица Митровиќ. Посебно симпатичен момент приреди Јована, ученичка во прво одделение, која им се обрати на присутните на македонски јазик.

Со тоа и најмладите добија свое место во програмата, испраќајќи убава порака дека традицијата има вистинска вредност само доколку се пренесува на помладите генерации.

Посетителите имаа можност да слушнат различни видови гајди и да го запознаат богатството на музичките традиции што постојат на овие простори. Беа претставени македонските, сврљишките, јужноморавските, банатските, војводинските и тригласните гајди.

„Секој крај има свој звук, начин на свирење и музичко наследство, но токму во тоа богатство на различности лежеше посебната вредност на овогодишната средба. Наместо различните традиции да ги разделуваат луѓето, во Качарево тие ги обединија во еден заеднички музички настан“, истакна претседателот на здружението „Вардар“, Сима Најдовски.

Програмата беше збогатена и со настапи на други изведувачи, меѓу кои и членовите на пејачката група „Тоше Проески“, додека семејството Митиќ подготви две посебни музички точки.

По завршувањето на официјалниот дел, дружењето продолжи во просториите на здружението „Вардар“, каде што учесниците останаа до доцните вечерни часови, уживајќи во музиката, разговорите и пријателската атмосфера.

Организатор на 20. јубилејна средба на гајдаџиите беше здружението „Вардар“ од Качарево, а манифестацијата се одржа со поддршка на Министерството за култура на Република Србија, Покраинскиот секретаријат за култура, јавно информирање и односи со верските заедници, Националниот совет на македонското национално малцинство во Република Србија и Организацијата за колективно остварување на сродни права на производителите на фонограми на Србија (OFPS), Амбасадата на Северна Македонија и Домот на културата Качарево.

Две децении по своето основање, „Средбата на гајдаџиите“ прерасна во значајна културна манифестација која не само што го зачувува нематеријалното културно наследство, туку и ги зацврстува културните и пријателските врски меѓу македонскиот и српскиот народ.

Прикажи повеќе

Поврзани објави

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Back to top button