Поддршка за македонската заедница и јубилејот „80 години од доселувањето“ во фокусот на средбата со српскиот премиер

Во духот на партнерството, меѓусебното почитување и негувањето на добрите односи меѓу двете држави, претседателката на Националниот совет на македонското национално малцинство, Зорица Митровиќ, оствари средба со претседателот на Владата на Република Србија, проф. д-р Ѓуро Мацут, на која се разговараше за унапредување на положбата на припадниците на македонската заедница во Србија.
За време на разговорот беше истакната важноста на зачувувањето на македонскиот национален идентитет, јазикот, културата и традицијата, како и потребата од континуирана институционална поддршка за активностите што придонесуваат за развојот и афирмацијата на македонската заедница во Република Србија.


Посебно внимание беше посветено на претстојното одбележување на значајниот јубилеј – 80 години од доселувањето на Македонците во Војводина, кој свечено ќе биде одбележан во Нови Сад. Соговорниците ја истакнаа важноста на овој јубилеј како сведоштво за долгогодишното присуство, придонес и интеграција на Македонците во општествениот живот на Србија. На свеченоста се очекува присуство и на премиерите на Република Србија и Република Северна Македонија.
На средбата, покрај претседателката Митровиќ, присуствуваа и секретарот на Националниот совет Марјан Јованоски, директорот на НИУ „Македонски информативен и издавачки центар“ Озрен Симјановски, како и амбасадорот на Република Македонија во Република Србија, Никола Тупанчески.
Средбата претставува уште една потврда на добрата соработка меѓу институциите на Република Србија и претставниците на македонската заедница, како и заедничката посветеност кон зачувување на културната разновидност, меѓусебното разбирање и унапредувањето на правата на националните малцинства.



