Работилници по повод Денот на македонскиот јазик во училиштата во Лесковац

По повод Денот на македонскиот јазик, во основните училишта во Лесковац каде што се реализира наставата по предметот „Македонски јазик со елементи на национална култура“ беа организирани низа едукативни и креативни работилници посветени на македонскиот јазик, култура и традиција.
Преку различни активности, учениците имаа можност да го прошират своето знаење за значењето на мајчиниот јазик, да се запознаат со македонската азбука, литературата и богатото културно наследство на македонскиот народ. Работилниците беа реализирани на интерактивен начин, поттикнувајќи ја љубопитноста, креативноста и активното учество на учениците.

Посебен акцент беше ставен на важноста од зачувувањето и негувањето на македонскиот јазик како еден од најзначајните столбови на националниот идентитет, особено меѓу најмладите генерации кои живеат надвор од матичната држава.
Наставата по предметот „Македонски јазик со елементи на национална култура“ претставува значајна поддршка во процесот на зачувување на јазикот, традицијата и културните вредности на македонската заедница во Република Србија, а ваквите активности дополнително придонесуваат за развивање на чувството на припадност и почитување на сопственото културно наследство.





