„Плодовите на еден даб“ и книги на мајчин јазик – Пландиште го одбележа Денот на македонскиот јазик

По повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик и азбука, во библиотеката во Пландиште беше реализирана донација на книги на македонски јазик, со цел збогатување на библиотечниот фонд и унапредување на достапноста на литература на мајчин јазик за македонската заедница.
Книгите ги донираа претседателката на Македонскиот национален совет, Зорица Митровиќ, и секретарот Маријан Јованоски, кои со оваа иницијатива уште еднаш ја потврдија посветеноста на Советот кон зачувувањето, негувањето и афирмирањето на македонскиот јазик и културен идентитет меѓу Македонците во Србија.


Оваа активност претставува дел од пошироките заложби за поголема присутност на македонската книжевност и пишан збор во локалните институции, како и поттик за идните генерации да го негуваат својот мајчин јазик.
Во рамките на одбележувањето, присутните имаа можност да го проследат и документарниот филм „Плодовите на еден даб“, кој низ емотивна и автентична приказна го прикажува патот, истрајноста и идентитетот на Македонците на овие простори, како и нивната длабока поврзаност со традицијата, корените и културното наследство.

Настанот во Пландиште уште еднаш ја потврди важноста од создавање простори и содржини преку кои македонскиот јазик, култура и историја ќе продолжат да се пренесуваат и да живеат меѓу идните генерации.



