Ниш во фокусот на Стратегијата: институционална, академска и заедничка поддршка за македонската заедница

Во рамките на посетата на Ниш и јавната презентација на Стратегијата на Македонскиот национален совет за периодот 2026–2031 година, делегација на Советот, заедно со македонскиот амбасадор во Србија, Никола Тупанчески, оствари средба со градоначалникот на Ниш, Драгослав Павловиќ.


На средбата беше истакнато дека македонската заедница има значајно и препознатливо место во општествениот и културниот живот на градот, при што беше изразена заедничка подготвеност за унапредување на соработката и поддршка на иницијативи насочени кон негување на македонскиот јазик, култура и идентитет.

Во рамките на посетата, делегацијата го посети и Филозофскиот факултет во Ниш, каде при Департманот за србистика функционира лекторат за македонски јазик. Во рамките на лекторатот е ангажиран лекторот м-р Ѓоко Здравевски, што претставува значаен придонес за зачувување и афирмација на македонскиот јазик во академската средина.


Делегацијата оствари средби и со продеканот за меѓународна соработка, д-р Иван Јовановиќ, како и со професорката Даниела Костадиновиќ. Разговорите беа насочени кон потенцијалите за продлабочување на соработката помеѓу Советот и Департманот, со посебен акцент на зајакнување на наставниот кадар кој ја реализира наставата по изборниот предмет „Македонски јазик со елементи на национална култура“.

Промотивните активности продолжија со јавна презентација на Стратегијата во Офицерскиот дом во Ниш, наменета за припадниците на македонската заедница. Настанот беше организиран од здружението „Вардар“ од Ниш, во духот на заедништво, отворен дијалог и активна вклученост на заедницата.
Присутните имаа можност да се запознаат со клучните цели, мерки и насоки во работата на Советот во наредниот петгодишен период, а дискусијата што следеше беше оценета како мошне конструктивна, со бројни предлози, идеи и иницијативи од страна на учесниците.


Делегацијата на Македонскиот национален совет беше во состав: претседателката Зорица Митровиќ, секретарот Марјан Јовановски, директорот на НИУ „Македонски информативен и издавачки центар“ Озрен Симјановски, како и претседателот на здружението „Вардар“ од Ниш, Благе Петрушевски, како и долгогодишниот член на Советот Благоја Илијевски.


Активностите во Ниш ја потврдија определбата за јакнење на институционалната и академската соработка како клучен предуслов за понатамошен развој и афирмација на македонскиот јазик, култура и идентитет во Република Србија, како и за зајакнување на врските со локалните самоуправи и заедницата.




