БлогВестиМакедонија

21 година од потпишувањето на Охридскиот договор

Охридскиот договор кој ги смири воените активности помеѓу македонските безбедносни сили и албанските терористи беше потпишан на 13 август 2001 година. После скоро полни осум месеци пукање, пред се во северо-западните делови на македонската држава, политичките лидери седнаа на маса и го потпишаа Охридскиот договор под менторство на НАТО, Европската унија и Соединетите Американски Држави.

Ама до ден денес ниту некој одговори на прашањето која беше суштината на тој конфликт, ниту пак некој одговараше за воените злосторства кои и беа направе на македонските безбедносни сили. Денес сите се фалат, барем политичарите од албанскиот политички табор, дека тоа бил конфликт кој ја донесол македонската држава до договор за креирање на еднакво општество. Демек дотогаш Aлбанците во македонската држава на биле третирани како рамноправни граѓани.

Ако се вратиме на изјавите на тогашните лидери на најголемата албанска политичка партија во македонската држава ќе видиме дека тоа не е така. Затоа што и Арбен Џафери и сеуште актуелниот политичар Мендух Тачи за време на конфликтот велеа дека ова не е конфликт за човекови права, туку за освојување на територии. И од денешна перспектива јасно се гледа дека тоа е така. Затоа што во тој конфликт ниту војуваа македонските Aлбанци, ниту лидерите на таканаречената ослободилачка народна армија беа политички челници на албанците во македонската држава. Стануваше збор за албанска емиграција и за голем број на борци од територијата на Косово и Метохија.

Меѓутоа текот на конфликтот беше таков што доведе во еден момент да се промени првобитната цел – па наместо за територии, борбата испадна дека е за граѓански права. Ама пред да дојде до тоа, мораме да се потсетиме и на тогашните изјави на официјалните политичари од Софија и Атина кои категорично велеа дека нема да дозволат нарушување на територијалниот интегритет на македонската држава. Ама сето ова е денес заборавено.

Останаа само лузните кај македонците и албанците кои во тој конфликт ги изгубија своите најблиски, затоа што целта никој не ја постигна. Ниту се растури целовитоста на територијата на македонската држава, ниту пак се креирање еднакво општество во македонската држава. Затоа што општеството во македонската држава и никогаш не се делело по етничка линија, туку по материјална, по политичка. Само што политичарите инсистираат на таа етничка линија со цел да ја задржат својата популарност.

И денес нештата се исти. Оние кои се сметаат за победници во конфликтот исто така сметаат дека креирале еднакво македонско општество. Оние кои се сметаат за губитници во конфликтот сметаат дека македонската држава е албанизирана. А ниту едните, ниту другите се во право.

Затоа што денес македонската држава не е ниту чекор променета во однос на македонската држава од периодот пред конфликтот. И понатаму голем број на незапослени, и понатаму високо ниво на криминал и корупција, и понатаму политиката е главна игра во секој сегмент на општествениот и инстититуционален живот, и понатаму сиромашните македонци и албанци се сиромашни, додека пак оние богатите само додатни го зголемуваат својот капитал.

И понатаму се оние истите политичари, и оние во македонскиот блок и оние во албанскиот блок.

И тоа е суштината. Конфликтот не донесе ништо ново, само отвори нови рани, и кај Mакедонците и кај Aлбанците. Единственото ново е што на политичката сцена донесе политичари кои немаа никакву други механизма да дојдат до неа, освен на овој начин. Се друго си остана исто. Баш како што и кажавме – богатите останаа богати, па и побогати, сиромашните останаа сиромашни, па и посиромашни, додека пак политичарите продолжија да ги користат истите механизми, со една цел – засекогаш да останат во политиката, малку во опозиција, повеќе на власт, ама секогаш во собраниските клупи.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button