Уште една полна година помина. Македонската држава ја обележа својата 32 годишнина од независноста. Полна три децении независност, сувереност. Ама и полни три децении мака мачење, на секоја страна и во секој агол. Исто така македонската држава го одбележа и својот 32 роденден. Заробена од политичарите, во клештите на криминалот и корупцијата и со трошка воздух кои и го пружаат нејзиниот народ и граѓаните, секога желни и спремни за некои поубави времиња.
Впрочем и 2023 година во македонската држава беше година на големи очекувања, но истовремено и на мала реализација. На огромни политички ветувања, ама истовремено и на многу лаги. Со огромни декларативни заложувања, ама скоро со никакви конкретни активности, ниту на политичко, ниту на институционално ниво.
Политичарите продолжива со својот триесет годишен манир. Многу политичка битка на дневно ниво, никаква суштина и огромна представа во македонското Собрание. И кај оние кои се на власт, и на оние кои се во редовите на опозицијата. И така секојдневно во македонскиот политички табор. А ништо не е поразлична приказната и помеѓу албанските политички челници во македонската држава. И тие во континуитет си играат со меѓуетничките чувство, така собирајќи политички поени кај кутрите албанци, а впрочем ништо не се променило – ниту македоците, ниту албанците, ниту било која друга етничка заедница во македонската држава живее подобро или просперитетно.
Се се сведува на гола политика. Користејќи ја истата приказна изминативе 32 години. Сепак нештата не се тако едноставни, ако се погледне суштински.
Затоа што македонската држава во континуитет и забрзано го губи своето население, без обзир на етничката припадност.
Затоа што македонската држава во континуитет и забрзано тоне во сестрана институционална и политичка корупција, од епидемски размери.
Затоа што македонската држава во континуитет и забрзано станува дестаниција непожелна за нејзините млади и образувани, како и квалификувани граѓани.
Затоа што македонската држава во континуитет и забрзано се позиционира се пониско на листата на развиени, демократски и одржливи земја, и на европскиот континент и во глобални рамки.
Ама тоа никој не го разбира. Ниту политичарите во Собранието, ниту функционерите во Владата, ниту шефот на држават, ниту локалните челници и градоначелниците, ниту пак локалните советници. Или не го разбираат или се незаинтересирани, мислејќи дека сето ова е доволно за нивниот живот. Веројатно не го разбираат, затоа што доколку беа само незаинтересирани, тогаш макар ќе имаа барем малку загриженост за своите поколенија, за своите деца, внуци и правнуци. Ама едно големо ништо од тоа.
И на крајот на денот топката е пак во рацете на граѓаните. Како и секогаш во историјата на современата македонска држава. Која секогаш народот ја носел на своите рамења со цел да ја сочува, но истовремено и да ја плати сметката на несовесните и кратковиди политичари.
И тоа е тоа, истата приказна искажана стотина пати. Впрочем и јас сум веќе досаден. Секојдневно се соочуваме со истото секојдневие. Толку убава земја, толку перспективен народ и граѓани, а толку тажна судбина. Тоа е веројатно вековната судбина на македонската држава – која ќе ја испрати 2023 и дочека 2024 година на истото место, каде што се наоѓаше изминативе 32 години, но и изминатиов век: Во канџите на политичарите и со безгласниот крик на својот народ.