Претседателот на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов, присуствува на традиционалната манифестација Денови на македонската култура во Белград ,,Допир на Македонија’’ по повод чествување на празникот Св. Кирил и Методиј, во организација на здружението Македониум.
Bо рамките на оваа традиционална манифестација свечено беше отворена изложбата „Македонска азбука“ на Сергеј Андреевски, а претседателот Иванов беше поканет да одржи слово за светите браќа Кирил и Методиј и за нивната света мисија за описменување на словенските народи.
На почетокот, претседателот Иванов упати честитки по повод признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА од синодот на СПЦ на свечената заедничка литургија што се одржа во Соборниот храм во Скопје.
Упатувајќи честитки до сите православни христијани во Република Македонија, истакна дека тоа е голем, убав, радосен и величествен ден, а симболиката е уште поголема што тоа се случува на Денот на Светите просветители Кирил и Методиј.
За Светите Кирил и Методиј, претседателот Иванов рече, дека моравската мисија била многу повеќе од дипломатска мисија што има за цел да го прошири византиското влијание во Европа.
- Битката на светите Кирил и Методиј беше да им се овозможи на словенските народи сами да го спознаваат Божјото слово, сами да ја создаваат и пренесуваат својата култура, традиција, сами да ја пишуваат својата историја. Правото на сопствен јазик, на образование, на самоидентификација и денес се основни универзални и европски човечки вредности – истакна Иванов.
Пораката на светите Кирил и Методиј денес би била дека сите кризи со кои се соочуваме произлегуваат од длабоката морална криза во која се наоѓа целото човештво, вклучително и нашите општества. Општества во кои го прегрнавмe напредокот, но притоа некритички ја отфрливме традицијата. Се обидовме да ја градиме и да ја развиваме нашата современа цивилизација, сведувајќи ја етиката на ниво на личен избор. Слободите и правата ги одвоивме од должностите и одговорностите. Светите Кирил и Методиј ги фалиме, без да ги послушаме. Се повикуваме на нив, без да видиме на што нè повикуваат тие нас. Последиците од ова скршнување ги чувствуваме сите ние, а особено нашите млади генерации.
„Јас денес го говорам македонскиот јазик“, рече претседателот Иванов, „исто како што нашите српски пријатели го говорат српскиот јазик, благодарение на светите Кирил и Методиј. Тие се вградени во секој збор што ќе го изговориме, и секоја буква што ќе ја напишеме.“ Затоа, претседателот Иванов потенцираше дека должност на нашата генерација е да го негуваме и афирмираме тоа наследство, благодарение на кое ние денес имаме наш светоглед, наша посебност и идентитет.