ВестиКултураНајави

Свети Климент Охридски – дело и мисија должни за почит

Денес го славиме светиот лик и светото дело на првиот словенски оригинален писател, основоположникот на првиот словенски универзитет, просветителот, учителот и светецот, патронот и заштитникот на македонската православна црква и  најдаровитиот ученик на сесловенските браќа светите Кирил и Методиј, Св. Климент Охридски.

Здружението на Македонците во Белград ,,Македониум” како чувар на македонската култура, традиција, уметност и духовност на овие простори од 2013 година го чествува празникот и светецот со пригодни програми. Оваа година, празникот ќе го одбележат во Здружението на писателите на Србија, со Христо Петрески – претседател на Друштвото на писателите на Македонија и новинарот Кирил Панов, кој ќе му оддаде почит на неодамна починатиот македонист професорот Радомир Ивановиќ. Во културно уметничката програма ќе настапи пејачката група ,,Македониум” со пригодни песни.

Свети Климент Охридски е без поговор една универзална личност не само за Словените, посебно за нас Македонците, туку и за сиот учен и напреден свет. Високо образован, трудољубив безмерно, а над се талентиран писател и поет, ги постави темелите на средновековната македонска книжевност, со врвни дела, кои ќе ги препишуваат и практикуваат сите словенски средини.

Создател е на кирилицата. Името и го даде по името на својот учител свети Кирил Солунски. На сите Словени им подари виделина која трае и вечко ќе трае, а на светот нова писменост. Во Охрид (административно регионот во тогашното царство бил познат како Кутмичевица) во 886 година ја формира Охридската книжевна школа попозната како ,,Прв словенски универзитет” од кој излегле 3500 подготвени ученици.  Овој универзитет е прв и најстар универзитет во Европа – над 200 години постар од Болоњскиот, кој пак денес се смета за најстар во Европа.

Св. Климент бил и првиот Епископ Словенски со титула Епископ Велички.

Покрај црковните и педагошките дејности, особено учителско-проcветителските, Климент развил и богата книжевна дејност. Автор е на многу поучни и пофални зборови, но во неговото творештво преовладуваат поучителните слова кои се однесуваат на општохристијанските светители: св. Ѓорѓи, св. Тома, св. Антониј, потоа слова посветени на Богородица и слова посветени за настаните од животот на Исус Христос.

Во негова чест, во Македонија и Бугарија многу училишта, улици и државни институции го носат неговото име. Најголемата црква во Скопје (соборниот храм) го носи името на свети Климент, исто така бугарската антарктичка база, универзитетот во Битола, Софискиот државен универзитет и Националната и универзитетска библиотека на Македонија го носат неговото име.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button