Во Франција деновиве излезе збирката раскази на Румена Бужаровска „Мојот маж“ преведена на француски од Марија Бежановска и објавена како „Mon cher mari“ (Éditions Gallimard, 2022). Бужаровска е прв македонски автор објавен од Галимар, издавачка куќа која постои од 1911 и е меѓу најголемите и најстарите во Франција и во Европа.
Француското издание на „Мојот маж“ излегува во рамките на едицијата Du monde entier. Според издавачот, книгата е испечатена во троен тираж од 7.500 примероци.
„Мојот маж“ (прво издание Блесок, 2014) на Бужаровска досега е преведена и објавена на англиски („Мy Husband”; Dalkey Archive Press, 2020), германски („Mein Mann“; Suhrkamp Verlag, 2021), италијански („Mio marito”; Bottega Errante, 2019), српски („Мoj muž“; Booka, 2017), хрватски („Мoj muž“; VBZ, 2016), словенечки („Moj mož“; Modrijan, 2017), унгарски („A fѐrjem“; Europa, 2019), босански („Moj muž“; Buybook, 2017), црногорски („Moj muž“; Nova knjiga, 2018) и албански („Burri im“; Или-или, 2020).
До крајот на годината ќе биде објавен и грчкиот превод на „Мојот маж“ во издание на Gutenberg. Во подготовка се и полско, шпанско, како и португалско издание за територијата на Бразил.
По книгата се поставени три театарски претстави во националните театри во Скопје, Белград и Љубљана, а наскоро се очекуваат и претстави во Будимпешта и во Загреб.
Румена Бужаровска (р. 1981, Скопје) е автор и на книгите „Чкртки“ (Или-или, 2007), „Осмица“ (Блесок, 2010) и „Не одам никаде“ (Или-или, 2017).