Рацин – незаборавник во времето
Чувствувам должен пиетет кон личноста и делото на Коста Солев Рацин и затоа, во деновите кога се навршуваат 80 години од неговата погибел, го пишувам овој есеј со кој му се поклонувам и му оддавам големо и должно признание за сѐ што направи за современата македонска литература, за Македонија и за нас Македонците. Тоа е најмалку што тој заслужува, бидејќи како човек, борец, револуционер и творец успеа на сугестивен начин да го изрази континуитетот на духот на преродбата и духот на времето во кое живееше, но и духот на времето револуционерно и идно. Да се потсетиме дека тој е поддржувач и продолжувач на најсветлите традиции на македонските писатели од 19 век – на К. Миладинов, Г. Прличев, Р. Жинзифов. Тој е македонски корифеј што сиот свој живот, талент и дело им ги посвети на народот и револуцијата чиј актер беше. Во раните творечки години тлееше како под пепел. Потоа, во бурните револуционерни времиња се распламти, гореше и согоре во НОБ/НОВ, но со својот потресен поетски и древен и нов македонски збор и мисла почна да свети и како факелоносец да им го покажува патот за развој и патот кон сигурната иднина на генерациите што ја изведоа револуцијата и на генерациите што надоаѓаа.
Мислам дека појавата на Рацин и неговото прераснување во творечки гигант најдобро ни ја доловува Вера Стојчевска Антиќ: „Очевидно е дека Коста Рацин се јавува на сцената на Македонија во најбурните и значајни периоди од својата историја, истакнувајќи се со своите извонредни способности, слободно би рекла наследени сопствени индивидуални дарби, како човек со неможност да го добие заслуженото образование, тој самоучки продирал, но не случајно и површно, туку смело со интерес да навлезе и да ги усвои сите суштински состојби во значајните современи области: историја, култура, книжевна историја, поезија, фолклор, филозофија, политика, уметност. Израснува во современ патриотски гигант, признат не само во нашата средина, туку и многу пошироко“.
И други од фелата за него ќе кажат дека е поет на крикот и придушената издишка на една црна, опака и грбава доба… дека е поет што знаел и умеел да го најде зборот со кој се мерела убавината на тешкотиите. Неговата поезија, пак, ја оценуваа како впечатлива, автентична и сугестивна – поезија што ја одразуваше реалноста на ропскиот и аргатски живот на македонскиот народ, поезија што всушност беше длабоко и интензивно доживување на неговите маки и патила. Додаваме, неговата поезија беше и остана остар револт и голем бунт на борбените селани и граѓани – намачени луѓе со ослободителни стремежи.
Коста Солев Рацин е маркантна личност со богат творечки опус што се простира врз повеќе сфери од духовниот живот на македонскиот народ. Покрај тоа што пред 84 години ја издаде епохалната и неповторлива стихозбирка „Бели мугри“, беше и голем поет, посветен преведувач, неуморен раскажувач, интересен романсиер, прецизен историчар, квалитетен публицист, интригантен филозоф, есеист, фолклорист, критичар, неуморен борец и револуционер, партизан учесник во НОВ, комунист, народен трибун во преломно и пресудно време за Македонците. Најистакнат македонски интелектуалец помеѓу двете светски војни. Рацин како личност бил многу отворен, поседувал извонредна интуиција и широк поглед на работите (епохи, појави, личности, процеси, односи). Со својата мисла, поезија и дело израснал во бунтовник што барал народот да се пробуди, бидејќи е народ од земјата на дедо Богомил, земјата на богомилите – бунтовна Македонија.
Ни ги подари сега веќе легендарните и вечно убави „Ленка“, „Елегии за тебе“, „Тутуноберачите“, „Денови“, „Татунчо“, „Копачите“ и многу други прозни дела за што сме му благодарни и неизмерно се гордееме на него како на еден од најголемите македонски синови.
За Рацин, Блаже Коневски ќе каже: „Името на Кочо Рацин е скратенка на сите нас“. А Васил Тоциновски ќе додаде – дека тој е раздвиженост на средината и времето, менувач на состојбите, носител на подвиг (слично како Миладиновци), едноставно отпечаток на духот во историјата на едно време. Рациновата бунтовност и верба во луѓето се хуманите столбови на кои се потпираат пораките на неговата поезија и проза.
Рацин беше и остана високоразвиена личност што на литературата гледа како на уметнички израз и средство за борба против злото. Тој уште од најмали години успешно обработувал теми од областа на историјата, филозофијата, дијалектичкиот материјализам, социологијата, книжевноста и религијата. Да ги споменеме пишувањата на Рацин за Хегел, обработката на Рацин за темата на богомилството во Македонија, но и неговата поезија, во која се испреплетени маката и тешкиот живот на работниците, селаните, на младите и повозрасните, од Рациновото време и годините и ликовите пред него.
Особено импресивен е неговиот уметнички израз, за кого истакнаа дека е резултат на вистинските опсесии од животните текови, превривања и резултати. Кога зборуваме за Рацин, ние зборуваме за поезијата, прозата и за неговото револуционерно дело. Инаку, тој беше посветен на голиот живот и малиот и обичен човек, на богатите и господарите, на предавниците и лицемерите, против кои се бореше голоракиот и сиромашен македонски селанец, работник и студент.
Како револуционер и социјалист, прогресивен народен мислител, поет и публицист, говорејќи во името на намачениот македонски народ, зад себе остави кралимарковски отпечатоци. Неговата политичка мисла, освен социјална, има и национална и морална димензија. Во младоста беше грнчарски работник, кој со текот на времето израсна во најзначаен македонски поет. Од обичен работник се издигна до водечки интелектуалец на своето време, но и на времето идно.
Рацин е творец што успеа она што народните песни го пееја трајно да го крене на повисок степен на уметничка лирика. Народната песна ја чувствуваше како врвно национално достоинство. Кон неа се однесуваше со најголема љубов и видлива почит.
Тој израсна од страдањата и борбите на македонскиот народ и стана свесен дел од истиот тој народ. Му припадна честа високо да го држи факелот на таа свест, а судба му беше да мине низ најразлични мачеништва и робии, за да на крајот, во НОБ да го даде и животот за слободата на својот народ. Поезијата на Рацин национално е македонска, народноослободителна по форма, социјална и револуционерна по содржина. Национална е зашто со јазикот, речникот, стилот, сликата и ритамот непосредно ја продолжува македонската народна песна и претставува оној степен на кој народната книжевност се надмина себеси и стана уметничка. Социјална е бидејќи ги изразува црната беда и жилавиот бунт на македонскиот работник и сиромашниот селанец и го отсликува „кучешкиот живот“. Рацин е вистински проучувач на егзистенцијалниот градски и селски етос.
Со манир на поетски уметник ја овековечи болката на Македонецот во стихозбирката „Бели мугри“, а со „Копачите“, песна химна на сите угнетени и понижени работни луѓе – аргати, занаетчии, тутуноберачи, копачи, сите што ја чекале светлината на денот, ги наслика тагата и маката на Македонецот. Неговата поезија е конкретно и коренито поврзана со изворното народно творештво (на неговите работни тетратки има белешки од Зборникот на Миладиновци, за Меморандумот на Чуповски и за есеите и книгата „За македонцките работи“ на Мисирков). Рацин засекогаш со збор и дело се вгради во македонската национална историја, литература и култура.
За Рацин ќе завршам во симондракуловски стил дека ние шепотиме, рониме и тоа е право. Тоа е вистина и за нас и за него, и за него во нас, и за нас во него што нѐ всонил. Ни даде поезија што од неговото перо истече право во нашите срца. Неговиот живот, песните што ни ги дари и судбината што ја доживеа станаа едно. За него и за нас.
Сотир Костов