БлогВестиМакедонија

Процесот започна – ама полноправното членство и понатаму неизвесно

Македонската држава после долги 17 години чекање го започна процесот на преговори. Односно, да бидеме попрецизни, да не им се замериме на оние политички коректните, започнат е таканаречениот скрининг процес кој би требало да претставува одреден симболичен почеток на пристапните преговори со Европската унија. А пред тоа беше усвоен и потпишан протоколот со Софија. Се се заврши за два дена. Со многу свиркања и спротивставувања, ама без никаков ефект – работата е сепак завршена.

Да се вратиме десетина дена назад. Се почна со францускиот предлог. Кој во однос на претходниот се велеше дека е ревидиран. Македонските власти тврдат дека македонскиот јазик и идентитет се зацементирани. Опозицијата тврди дека актуелната власт е предавничка, дека ги прифатила сите услови на Софија, само заради една фотографија во Брисел. И не само тоа, туку и протестите се завршија. Преку ноќ, стандардно, по македонска традиција, на се се стави точка.

И сега кому му е битно како ќе оди процесот. Сега на ред е повторно македонската страна – да шутира, да го промени Уставот, во кој треба да бидат додадени и Бугарите како малцинство, ама како што се зборува во скопската чаршија, ќе биле додадени и уште некои други народи, чисто да не „бодат“ Бугарите многу во очи, а на тој начин вероватно да се убеди и опозицијата да гласа – затоа што без нивниот „амин“ за отворање на Уставот и без нивниот „амин“ за уставните измени – во овој момент ништо не можно.

Ама бидете сигурни. И тоа ќе помине. И уставните измени ќе бидат прифатени. И таа желба на Бугарите ќе се исполни – кои цврсто се колнат во својата теза дека Mакедонците се Бугари, ама сепак бараат во македонскиот Устав, во кој баш тие Македонци се уставотворен народ, да бидат вклучени и Бугарите како малцинство. Малце се контрадикторни, ама тоа е нивна работа.

Суштината на сето ова е да се разберат нештата. Дека ниту влезот во Европската унија ќе дојде преку ноќ, ниту дека македонската држава ќе наликува на западно-европска држава, со сите нишани, ако се продолжи со политиката на скрстени раце, и кај народот и кај политичарите. Само што едните и другите од ден во ден си ја „префрлуваат топката“. Те едните се криви, те другите се криви. А всушност сите се криви, затоа што влезот во Европската унија не е атлетска цел која се достигнува и толку, трката е завршена, туку начин на живот, систем на вредности, политичка култура и многу многу друго што допринесува да сето тоа изгледа перфектно.

И како што рече албанскиот претседател во заминување Иљир Мета, обраќајки се на своите сограѓани по повод почетокот на преговорите на Албанија со Европската унија „од нас и институциите зависи дали тој процес ќе траје пет или триесет и повеќе години“. Е баш така. Човекот е во право. Истото важи и за македонската држава. Од народот, од политичарите и од сите оние што ја чинат држава, системот, институциите и вредностите зависи и европската иднина на македонската држава.

Дали ќе ја видат и нашите генерации или можеби нашите правнуци. Затоа, сега е вистинскиот момент да се стават бугарите на страна, односно несогласувањата со Софија, затоа сега е вистински момент да се креира внатрешна стратешка патека, надвор од партиските рамки и сите заедно, раме до раме да докажат тоа што до вчера сакаа да го докажат на улицата – дека македонците постојат и дека тие успешно ја водат својата држава кон просперитет и одржливост.

Оти само така ќе се препознае и македонскиот идентитет и сето она што е македонско – на вистински начин, просперитетен, успешен, одржлив, предвидлив, насочен кон иднината со цврсто почитување на своето минато и историјата – како успешен и достоинствен.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Погледнте и
Close
Back to top button