Претставиците на Националниот совет на македонската заедница во Србија и Македонскиот информативен и издавачки центар потпишаа договор за деловна и техничка соработка со Културниот центар на Вршац.
Претседателот на Националниот совет совет Борче Величковски изјави дека овој договор само го потврдува традиционалното пријателство меѓу македонската национална заедница во АП Војводина и градот Вршац.
„Не е непознато дека во Вршац живеат повеќе од петстотини припадници на македонската национална заедница. Во овој град имаме прекрасни пријатели, колеги и соработници со кои соработуваме последните десет години. Преку потпишувањето на овој договор ќе ја подобриме нашата досегашна работа, во годината кога започна со работа заедничката комисија за следење и спроведување на меѓудржавниот договор меѓу владите на Србија и Македонија за правата на Србите во Македонија и Македонците во Србија” – истакна Величковски.
Според директорот на Центарот за култура Вршац, Давор Стојковиќ, овој договор ќе ги регулира односите на овие институции во областа на културата и ќе придонесе за идна соработка на повисоко и подобро ниво и за доброто на македонската национална заедница Вршац.
На потпишувањето на договорот присуствуваше и членот на Градскиот совет задолжен за култура, д-р Трајан Кацина, кој им честиташе на потписниците и рече дека градот Вршац се залага да има добра соработка со сите национални малцинства кој што живеат на овие простори.
Во наредниот период предвидени се средби за конкретизирање на соработката на овие институции.