ВестиМакедонија

Поставено спомен обележјето за АСНОМ во манастирот Прохор Пчински

Во параклисот на манастирот Прохор Пчински во Република Србија денеска е поставена спомен плочата за одржувањето на ова место на првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година.

Двојазично, на македонски и на српски јазик, пишува „На 2 август 1944 година на ова место е одржано Првото заседание на Антифашистичкото собрание на Народното ослободување на Македонија, каде народните избраници донесоа историски одлуки со кои се воспостави државност и самобитност на македонскиот народ изразувајќи ја својата определба да живеат заедно со народите на Југославија“.

На ова место денеска државнo-црковна делегација предводена од претседателот Стево Пендаровски, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, Мирослав Јовановиќ и Лидија Тасевска, Кумановско-осоговскиот митрополит г. Григориј и Епископот Стобиски г. Јаков, како претставници на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, како и претставници од Сојузот на борците на НОБ ќе постават венци.

Од српска страна, на чествувањето ќе присуствуваат министерот за надворешни работи на Република Србија, Никола Селаковиќ и Епископот врањски г. Пахомије, како претставник на Српската Православна Црква.

На заедничката литургија во манастирскиот храм, заедно со владиката врањски Пахомије се очекува да сослужуваат митрополитот струмички Наум, митрополитот кумановско – осоговски Григориј и епископот стобиски Јаков од Македонската правоскавна црква, Охридска архиепископија.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button