Односите меѓу Србија и Македонија се на највисоко ниво до сега
Српскиот претседател Александар Вучиќ заедно со српската премиерка Ана Брнабиќ го дочекаа македонскиот премиер Димитар Ковачевски во срдечна атмосфера и тоа пред престижниот и новоизграден комплекс Белград на вода. Но, тоа не беше запознавање на Ковачевски со новиот стамбено-деловен и туристички комплекс на српската метропола, затоа што тој уште мината година организираше Македонска вечер токму во еден од рестораните на овој комплекс за време на саемот на виното Винска визија, како еден од проектите во рамките на иницијативата Отворени Балкан.
После денешниот состанок помеѓу Вучиќ и Ковачевски, српскиот претседател јасно кажа дека односите помеѓу македонската и српската држава се на највисоко ниво до сега. И тоа можеби е вистина. А после потпишувањето на меморандумите за соработка помеѓу македонската и српската влада Ковачевски рече дека границите на Балканот се всушност најголемата глупост. И сето ова би било бајно и сјајно да не постојат одредени регионални шумови кои повторно таканаречените регионални аналитичари ги актуелизираа после објавувањето на веста дека Скопје, Подгорица, Тирана и Приштина формирале таканаречене „Западен Балкан КВАД – 100 процентна усогласеност со надворешната политика на ЕУ“ иницијатива.
Веднаш се појавија дилемите дали е оваа иницијатива конкуренција на Отворениот Балкан кој го сочинуваат Скопје, Белград и Тирана, дали е оваа иницијатива направена како своеврсно спротивставување на Србија, а се отиде дотаму да некои аналитичари дури кажат дека станува збор за иницијатива која во суштина ги исцртува границита на Голема Албанија. Меѓутоа, сето тоа некако остана на страна. На денешната конференција за новинари која ја одржаа Ковачевски и Брнабиќ, српската премиерка рече дека не постои отворено прашање помеѓу македонската и српската држава, како и да не постои никаква нова иницијатива во која пристапило таканареченото Косово заедно со македонската, албанската и црногорската држава. Ама очигледно дека на македонскиот министер за надворешни работи му одговараше да го испромовира состанокот со своите колеги од Подгорица, Приштина и Тирана. Очигледно дека некому му одговараше да се отвори нов шум во односите на регионот, кои и онака, реално гледано, се многу крхки и зависни од бројни фактори на дневно ниво.
Дали „КВАД“ претставува само предупредување за српските власти на кои не им е во целост усогласена надворешната политика со онаа на Европската унија или се крие нешто друго, повеќе, посуштинско, времето ќе покаже. Посетата на Ковачевски во Белград помина во најдобра атмосфера. Тоа го потврди и Ковачевски. А потврди и дека граѓаните на Западниот Балкан веќе ги чуствуваат бенефитите од Отворениот Балкан, само што во него сеуште не се интегрирани Сараево, Подгорица и Приштина. Додека во Сараево тоа го одбиваат бошњачките политичари, а истото го чини и приштинската власт, без одржливи аргументи, интеграцијата на Подгорица во оваа иницијатива зависи од победникот на претседателските избори. Доколку Мило Ѓукановиќ ја изгуби изборната битка, готово е сигурно дека и Црна Гора забрзано ќе стане дел од Отворениот Балкан, но дотогаш останува да чекаме.
Да чекамe како и во кој смер ќе оди дијалогот помеѓу Белград и Приштина, да чекаме и да видиме дали навистина „КВАД“ ќе остане само на нивото на најнова вест во регионалните медиуми, да чекаме каква ќе биде стратегијата на Европската унија за интеграција на Западниот Балкан, да чекаме и само да чекаме, затоа што тоа е она што секогаш сигурно го правиме во овој регион – преживувајќи го тешкото денес и надевајќи се дека нема да бидеме соочени со потешкото утре.