ВестиКултура

Овации за „Театарот комедија“ во Народно позориште во Белград

„Театар комедија“ од Скопје, во рамките на иницијативата Отворен Балкан, оствари соработка со Народно позориште од Белград, каде што гостуваше со мјузиклот „Боливуд“ од Маја Пелевиќ, а во режија на Наташа Поплавска. Претставата одигра на 5 декември, на сцената „Раша Плаовиќ“. Со ова гостување „Театар комедија“ ја започна културната соработка со Народно позориште од Белград, а следната година се очекува нивно гостување на сцената на „Театар комедија“ во Скопје, со што се поттикнува иницијативата Отворен Балкан, како и воспоставувањето идни културни соработки помеѓу Македонија и Србија.

На претставата присуствуваа и голем број на припадници на македонската заедница во Белград, и членови на здружението ,,Македониум” кое што исто така има долгогодишна соработка со Народното позориште во Белград.

Со режисерката на претставата Наташа Поплавска (трета од лево)
овации на публиката на крајот на претставата

„Боливуд“ е првиот мјузикл на „Театар комедија“, работен по текст и песни на српската писателка Маја Пелевиќ, чија премиерна изведба се одржа во ноември 2019 година. Драмскиот текст „Боливуд“ настана во 2018 година и е инспириран од патувањето на авторката во Северна Кореја, а во истата година Пелевиќ го постави на сцената на Народно позориште во Белград. Една година подоцна, македонската режисерка Наташа Поплавска, инспирирана од делото, го поставува мјузиклот „Боливуд“ на Маја Пелевиќ. Ова е четврти мјузикл на Наташа Поплавска и прв на матичната сцена во „Театар комедија“, по претходните исклучително успешни поставки на лиценцираните мјузикли: „Кабаре“ во 2006-та, „Чикаго“ во 2015-та и „Мама миа!“ во 2017 година.

Во двомесечната подготовка на „Боливуд“ е вклучен голем тим од професионалци: Наташа Илиевска, преведувачка на текстот и песните, заедно со режисерката Поплавска, која се јавува и како костимографка и кореографка, композиторот Огнен Анастасовски – автор на музиката, Емил Петров – сценограф и видеоаниматор, Милчо Александров – дизајнер на светло, Бојан Угриновски и Томи Анчов – дизајнери на звук и Сара Пројковска и Ана Костадиновска – вокални корепетиторки. Во мјузиклот играат актерите: Жаклина Стевковска, Атанас Атанасовски, Жаклина Петровска, Жарко Димоски, Ева Скендеровска, Миа Кантарџиева и Сергеј Димовски.
Ова е второ гостување на „Боливуд“ надвор од границите на Македонија, по гостувањето на 17-то издание на Меѓународниот фестивал на актерот во Никшиќ, Црна Гора, во 2021 година.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button