БлогВести

На Балканот повторно тивко, но и непредвидливо

Политичката ситуација на Балканот повторно делува смирено, без некои посебно изразени тензии, меѓудржавни обвинувања и препукувања. Додека претходните две недели во фокусот беа преговорите помеѓу Белград и Приштина, крајот на претходната недела ја обележа најавата за формирање на Народно движење за државата под водство на актуелниот српски претседател Александар Вучиќ. Па така почна на големо да се пишува, а медиумите и експеритите од едната и другата страна да се препукуваат која е целта за формирање на едно такво движење.

Едните велат дека тоа е прилика за обединување на Србија, за зачувување на државните интереси и економски раст, додека другите, оние на страната на опозицијата, сметаат дека тоа е идеја на српскиот претседател за ребрендирање на постоечката владеачка политичка опција.

Ги има и оние кои сметаат дека целта на движењето е всушност механизам за амортизација на евентуалниот договор кој се очекува да го потпишат Белград и Приштина.

Како и да е, иако на Балканот делува смирено, сепак политиката е и понатаму главна игра во градот. Премиерот на привремените приштински институции вели дека не доаѓа во предвид формирањето на Заедницата на српски општини, додека пак од другата страна, властите во Белград велат дека е формирањето токму на таа заедница, договорена уште пред 10. години, претставува предуслов за било какви понатамошни преговори за нормализација на односите помеѓу Србите и Албанците.

И сето ова можеби би било помалку интересно доколку го занемариме фактот дека наредната рунда на преговори е закажана токму во македонската држава, во балканскиот Ерусалим, на крајбрежјето на Охридското езеро.

Ама се уште не е јасно зошто баш Охрид? Дали заради успешноста на Охридскиот и Преспанскиот договор, потпишани токму во тој дел на македонската држава, на крајбрежјата на Охридското и Преспанското езеро или чисто од технички причини, имајќи ја предвид веќе закажаната посета на шефот на европската дипломатија Жозеп Борељ на Скопје и Тирана.

Од денешна перспектива, на само шест пет дена од најавената средба помеѓу Александар Вучиќ, Аљбин Курти, Жозеп Борељ и Мирослав Лајчак, се чини дека нема што големо да се очекува на охридската средба.

Ама знаејќи ги балканските прилики и неприлики низ историјата не треба да не изненади ниту спротивното, односно баш во Охрид да биде ставен некаков  потпис на имплементациониот механизам за нормализација на односите помеѓу Белград и Приштина.

Политичките изјави и тврди ставови на Курти не не водат во смер на такви оптимистички предвидувања, но сепак да оставиме времето да го одработи своето. Можеби токму на Охридското езеро ќе блесне уште еден балкански успех, како блесокот на охридскиот бисер.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button