ВестиКултура

Национална пензија за Маја Оџаклиевска

Владата на Република Србија донесе одлука за додела на признанија за врвен придонес на националната и културата на националните малцинства, меѓу кои е и македонската музичка дива Маја Оџаклиевска. Признанието подразбира паричен надоместок до крајот на животот, во вид на национална пензија.

Одлука за додела на националните признанија донесена е после осум години, на предлог на Комисијата за утврдување на исполнетост на условите, а врз основ на предлозите на репрезентативните здруженија во културата и националните совети на националните малцинства во Србија. Оџаклиевска беше предложена од страна на Македонскиот национален совет во Србија, а покрај неа национална пензија добија и музичарот Бора Ѓорѓевиќ, актерите Воја Брајовиќ, Лазар Ристовски, како и уште десеттина истакнати композитори, пијанисти, филмски критичари, режисери и други.

Ова врвно признание востановено е во 2007 година, во време кога министер за култура беше актерот Воја Брајовиќ. Доделувано е до 2013 година и во тој период доделени се 503 признанија, а во моментов пензиите ги добиваат педесетина пензионирани уметници.

Маја Оџаклиевска низ годините

Маја Оџаклиевска е родена во 1954-та година во Скопје. Кариерата ја започнала на 15 години кога за првпат се пријавила на аудиција за Радио Скопје. Во 1970-та година се преселила во Белград, каде што уметнички твори на полето на музиката и театарот. На покана на Радослав Грајиќ учествува во радио емисијата „Максиметар“, каде победила и добила епизодна улога во претставата „Рабле“ на Жан Луј Баро. Потоа игра во претставата ,,Белград, некогаш и сега” во Академија 28, а од 1983 година како носител на главната улога во претставата ,,Коштана” остварува соработка со Народниот театар во Белград. Претставата е играна до 1987 година ширум Србија. Главна улога има и во филмот ,,Јужна патека” на Стево Црвенковски, за која што доби награда за најдоброто актерско остварување во филм на современата тематика, на фестивалот во Пула 1982 година. Од таа година има својство на истакнат уметник.

На музичкиот терен се истакнува по фестивалските настапи. Не постои ниту еден значаен фестивал во бившата Југославија на кој што не учествувала, била наградена или барем запазена. За преломна година во нејзината кариера се смета 1979 година кога на ,,Белградската пролет” ја испеа ,,Даљине” еден од нејзините најголеми хитови. Потоа следеа и хитовите ,,Многу солзи исплакав”, ,,Буди добар као што сам ја”, ,,Све ти опраштам” … Добитник е на бројни награди и признанија.

Во Македонија е одликувана со наградата Национален уметник во 2014, додека во 2017 година во Србија го доби престижносто признание ,,Златна значка”за долгогодишен придонес на полето на заложба во уметноста.

  • Беше мачен патот до ова ниво, но многу сум горда и задоволна што после безброј бури, златните песни сепак донесоа заслужена радост – кратко искоментира Маја за нашиот портал.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button