ВестиКултураОбразование

Меѓународен ден на мајчиниот јазик

Денес светот го одбележува Меѓународниот ден на мајчиниот јазик – 21 февруари воспоставен од Обединетите Нации и УНЕСКО а во насока на промоција, негување и афирмација на сите јазици што ги користат народите во светот и за поддршка на имплементацијата на стратегиите и политиките во полза на различноста на јазиците во сите делови на светот.

За зачувување и негување на македонскиот јазик во Србија се грижи Македонскиот национален совет и тоа во четири области: службена употреба на јазикот и писмото, образование, информирање и култура.

Македонскиот јазик е воведен во службена употреба во општината Пландиште, која што брои 13 населени места, како и во населените места Јабука и Качарево во градот Панчево. Изборниот предмет Македонски јазик со елементи на националната култура го изучуваат над 300 ученици во 11 основни училишта во Србија. Веќе 15 години се издава месечното списание на македонски јазик ,,Македонска виделина”, како и детското списание ,,Ѕуница”, тромесечното списание за култура, уметност и книжевност ,,Видело” и од неодамна списание за млади ,,Македон” во издание на Македонскиот информативен и издавачки центар во Панчево. Функционираат и неколку портали на македонски јазик, а македонското писмо може да се користи и при регистрација на сајтови во Србија, како и при издавање на личните документи.

Над 20 македонски здруженија, со своите активности во областа на културата, речиси секојдневно се грижат за зачувувањето, негувањето и промовирањето на македонскиот јазик на овие простори.

Во светот денес се зборуваат околу 6.500 јазици, а на околу половина им се заканува исчезнување во многу делови од светот. Според статистичките податоци, во последните три века има изумирање или драматично намалување на јазиците, особено на американскиот и австралискиот континент.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button