Литературни искри: Награда за најдобар странски автор на Наташа Николов од Белград
Деветтиот Меѓународен поетски фестивал „Литературни искри” се одржа во Гостивар на 21 мај кога настапија девет финалисти на годинашното издание додека финалистите од странство, поетесите од Србија, Бугарија и Словенија, имаа видеообраќање.
За наградите на манифестацијата „Литературни искри” одлучуваше жири во состав Наташа Сарџоска (претседател), Бранко Цветкоски и Раде Силјан. Според жири комисијата на овогодишното фестивалско издание плакетата за најдобар странски автор стигна во Србија во рацете на Наташа Николов од Белград. Милчо Мисоски (Струга) го освои гран-прито на фестивалот, првата награда ѝ припадна на Катарина Трендова-Петрова (Кочани), втората на Софија Петковска (Скопје), a третата награда ја делеа поетесите Ведрана Петрова (Скопје) и Десанка Николова (Велес). За најуспешна „млада искра” е прогласен петнаесетгодишниот Димитриј Давитков (Пробиштип).
Годинава на конкурсот се пријави 161 автор од Македонија, Словенија, Бугарија, Албанија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина. Стихови на 43 одбрани поетеси и поети што учествувале на конкурсот во 2022 година, вклучувајќи ги и песните на финалистите, се објавени во заедничка поетска збирка „Литературни искри” што беше промовирана во рамките на фестивалот.
‒ Секоја награда е добредојдена во смисла дека ја вреднува мојата работа според уметнички и литературни критериуми и ми помага да се позиционирам во светот на книжевноста. Наградата на фестивалот во Гостивар ми е многу драга бидејќи доаѓа од земјата од каде потекнуваат моите предци и затоа ја доживувам како највредната. ‒ вели Наташа Николов.
‒ Иако по професија сум инженер за пејзажна архитектура цел живот се занимавам со пишување. Уште од основно училиште го негувам тој талент што го потврдија многубројните награди. Сакам да пишувам во сите жанрови и да пробувам нови стилови затоа што така си го градам својот сопствен стил. Денеска ми е пишувањето суштинска потреба што ми помогна подобро да се запознаам себеси и светот околу мене и да го најдам своето место во него. Го корнам плевелот во вид на непотребни запирки, ги окаструвам речениците за да кажам повеќе со помалку зборови, а текстовите ми враќаат со бујно цутење. Проектирам параграфи и наслови и на крајот уживам во резултатот. Освен тоа, преку размена на пишаниот збор запознав многу добри писатели и можам да кажам дека сум член на интернационалното литературно семејство што особено ме радува. Пишувањето е мојот повик. ‒ со радост зборува Николов.
Поетскиот фестивал „Литературни искри” во организација на Здружението „Милениум” се одржува во чест на 24-ти мај, Денот на сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј. Реализацијата на овогодишното издание беше поддржано од Министерство за култура и Општина Гостивар.