Документарец за јубилејот на Бигорскиот манастир „1.000 години – Сведок на светлината“
Во Македонскиот народен театар, викендов, беше премиерно прикажан документарецот „1.000 години – Сведок на светлината“ посветен на Бигорскиот манастир, кој говори за духовниот монашки континуитет низ вековите, во режија на Илија Ико Каров.
Документарниот филм претставува сведоштво за живоста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Во 2020 година, Бигорската обител го одбележа своето илјадалетие од основањето во 1020 година, а документарецот ‘1.000 години – Сведок на светлината’ е вистинско заокружување на ова чествување, како јасен и опсежен приказ на монашкиот континуитет низ вековите, на аскетскиот живот на монасите од Бигорски манастир исполнет со молитва, со Божјата реч во слободата Христова, кој за световниот човек отсекогаш претставувал едно посебно, дури и мистично дејство на Божјата благодат. Бигорскиот манастир сам за себе е приказна за едно светилиште кое зрачи со својата убавина, а љубовта којашто живее, енергијата којашто извира од Братството, всушност, претставува исконски и градбен елемент на Бигорската вера, која дотолку повеќе ја дополнува грандиозноста на манастирот.
На секои илјада години во Бигорскиот манастир процутува по еден цвет, кој сведочи за една друга убавина – не од овој свет. Тоа е токму онаа убавина, оној елемент, петtиот, кој е самата смисла на веќе добро познатите четири елементи. Тоа е токму тој елемент кој многумина мудри и просветлени философи го положиле во центарот, како есенцијална смисла на просветлувањето, оттаму и дека „Убавината ќе го спаси светот“. Всушност „1000 години Сведок на Светлината“ е букет од секогаш присно свежите цветови од илјадалетната градина на Светиот Јован Крстител во Бигорскиот манастир. Овој филм е токму за таа „Убавина“, што веќе еднаш го спаси светот…
Филмот можете да го погледнете ТУКА