Запознавање

,,Гравче на тавче” фестивал и народен македонски собир во Јабука

Гравче на тавче е најпрепознатливо македонско национално јадење, сочувано и негувано во македонската треадиција. Во речиси секој македонски дом, барем еднаш во неделата е на трпезата. И не дека на други места нема грав и специјалитети од него, ама како гравот „тетоец“ подготвен во земјено тавче со сува пиперка – нема никаде. Тоа го велат и постарите генерации на Македонците доселеници во Јабука, кои и ден денес заедно со своите потомци се воодушевуваат од богатиот вкус на гравот. Но, само ако е подготвен како што тоа го правеле нивните баби и прабаби.

Можеби и затоа секоја домаќинка во секоја куќа има свој рецепт и начин на подготовка на ова јадење, кој што вреди да се зачува, да се сподели и да се пренесе на идните генерации. Токму од овие причини, здружението на Македонците од Јабука од 2006 година го организира првиот и засега единствениот фестивал ,,Гравче на тавче’. Фестивалот се организира секоја година во рамките на прославата на националниот празник Илинден, во природниот амбиент на централниот јабучки парк или на платото пред месната заедница.

Во натпреварот за подготовка на најдоброто  гравче на тавче учествуваат претставници на сите македонски здруженија во Србија, претставници на други здруженија од Јабука и околината, како и гости од Македонија. Секоја година има помеѓу 12 – 20 учесници, кои се обидуваат преку своите кулинарски вештини да ја доловат единствената хармонија на вкусот, бојата и мирисот на македонската национална кујна. Колку во тоа се успешни, оценува стручно жири составено од претставници на институтот ,,Тамиш’’ од Панчево. Организаторите обезбедуваат вредни награди за најдобрите кувари на гравче на тавче.

Покрај подготовката, која што се одвива во котлиња на отворен оган, сите учесници имаат и свој штанд на кој што ги претставуваат и другите македонски специјалитети, пијалоци, носии, како и сувенири и ракотворби кои што ги изработуваат во и за здружението. Па така, покрај натпреварот во подготовка на гравчето, неофицијално се натпреваруваат и чиј штанд ќе биде најубав и најпосетен. Тоа секако претставува и своевидна етно изложба на македонски традиционални експонати и фолклорни елементи, што е вистинска атракција за посетителите и жителите на Јабука, кои на овој ден ја слават и својата селска слава Св.Илија.

Целодневното дружење на учесниците, посетителите и организаторите, проследено е со музика и песна, како од разглас така и од локалните тајфи. Гужвата на штандовите често ја заменува гужвата во орото, кое по тактот на музикита се извива и продолжува меѓу штандовите. Орото го водат весели и распеани играорци, со раце подигнати угоре и лица озарени со насмевка. Тоа на овој фестивал му дава и карактер на народен собир, со кој најчесто Македонците го прославуваат својот националне прзник Илинден во целиот свет.

Фестивалот завршува со заеднички ручек на кој што се дегустираат подготвените гравчиња, но и зелниците, мазниците, пинџурите. Оваа манифестација е дел и од презентацијата на Туристичката организација на Војводина, а поради долгата традиција и успешност прогласена е за манифестација од посебно значење за македонската национална заедница во Србија. За неговото значење говори и фактот дека на свеченото отворање на фестивалот учествуваат претставници на Македонскиот национален совет, локалната самоуправа на Јабука, градот Панчево и покраина Војводина, како и претставници на македонската амбасада во Белград.

Се додека националните традиционални јадења, како што е гравчето на тавче не поврзуваат со нашите корени и претци, ке живее и свеста за националната припадност на Македонците на овие простори. Љубовта кон своето се чува и негува . Тоа е цел и задача на фестивалот и народниот илинденски собир во Јабука.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button