Гоце Делчев и „културниот натпревар“ помеѓу Скопје и Софија
„Светот го разбирам како поле за културен натпревар помеѓу народите“ своевремено рекол познатиот македонски револуционер Гоце Делчев за кој, денес, после 119 години од неговата смрт, властите во Софија „очите им ги вадат“ на своите македонски колеги со цел да се прифати официјалната бугарска теза – дека Делчев е Бугарин.
Но, прашањето за националната припадност на Гоце Делчев е само дел од волшебните барања кои Софија ги испорачува на Скопје на патот на македонската држава кон Европската унија. Тука секако се вклучени и, како вели Софија, споровите околу таканаречената заедничка историја, околу потеклото на македонскиот народ, потеклото на македонскиот јазик, па се до правата на бугарското малцинство во Република Македонија. И така од ден на ден Софија кокетира, прво се бави со прашањето околу етничката припадност на Гоце Делчев, па во наредна прилика со потеклото на македонскиот народ и јазик и се така поставувајќи магични барања и тврдејќи дека Македонците се виновни заради нефункционалноста на заедничката комисија за историски прашања составена од македонски и бугарски историчари.
Само проблемот околу комисијата е малку посложен, затоа што додека бугарските историчари имаат апсолутна, единствена и недвосмислена подршка од страна на бугарските политичари, без обзир од која политичка партија доаѓаат, тоа не е ист случај и во Македонија. Во македонската држава јасно се видливи разликите помеѓу македонските политичари и македонските историчари, па така често доаѓаат и во меѓусебен конфликт во кој македонските политичари тврдат дека сепак историчарите немаат јасно толкување на историјата, па така политичарите се поставуваат и во улога на подобри историчари и од универзитетските историчари. Ама тоа и не е некој проблем доколку се сведува на отворена дебата, туку проблемот е што на тој начин македонските политичари во континуитет ја поткопуваат и позицијата на македонските историчари во заедничката комисија за историски прашања. И тоа не е ништо ново гледано од историски аспект, во друг случај би било необично да Македонците имаат синхронизиран став – по било кое прашање.
Меѓутоа и покрај „неуспехот“ во работата на заедничката комисија за историски прашања сепак се чини дека дијалогот на линија Софија-Скопје напредува, барем во политички аспект. Додека историчарите од двете страни на границите велеа дека имаат дијаметрално спротивставени ставови во однос на прашањето Гоце Делчев, сепак после посетата на новоименуваниот македонски премиер Димитар Ковачевски во Софија двете страни излегоа со тезата дека се договориле заеднички да го обележуваат датумот на раѓањето на Гоце Делчев. Замислете, ниту збор од историчарите, ама политичарите, по се изгледа, се поефикасни.
Само прашањето останува неодговорено: кој го оствари интересот со овој договор, со заедничкото обележување на датумот на раѓањето на Гоце Делчев. Нели всушност тоа беше и барањето на Софија – наместо датумот на смртта, да се обележува датумот на раѓање на овој револуционер, и тоа заеднички, Бугарите и Македонците, додека пак Македонија досега на државно и официјално ниво го обележуваше датумот на смртта. Никој сеуште го нема анализирано ова прашање, ама по се изгледа дека Софија бележи одредена предност, спортски кажано – добиено полувреме, а дали ќе го добие натпреварот – останува да видиме, ама не треба ништо да не изненади.
Сепак Гоце после 119 години од својата смрт никако мирно да „заспие“, да се одмори и навистина некаде таму, високо од небото, да го гледа културниот натревар помеѓу народите, во овој случај културниот натпревар помеѓу Македонците и Бугарите.
Наместо тоа, односите помеѓу Софија и Скопје, помеѓу ова, како велат Бугарите, братски народи, претставуваат се освен синоним за културен натпревар. Одредени бугарски политичари не пропуштаат прилика да ја наречат македонската држава само необединет дел од Бугарија, додека пак истовремено не штедат навреди упатени кон македонскиот народ нарекувајќи ги неосвестени Бугари. И така од ден во ден. Натпревар секако постои, ама е далеку од културен. Ама Бугарите сепак се борат, во такви услови, во нереални околности, со своите волшебни барања, па дури и за бриселската администрација. додека Македонците, од другата страна, пред се оние кои себеси се претставуваат како политичари, немо ја следат состојбата, „примаат голови“ од ден на ден и не пропуштаат прилика да ги нападнат баш македонските играчи – во овој случај историчарите.