ВестиМакедонија

Гордана Сиљановска Давковa избрана за претседателка на Македонија

За Претседател на Република  Македонија избрана е Гордана Сиљановска Давкова, со мнозинство гласови од избирачите кои гласале, односно 561.000 гласови, наспроти нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски 251.899, констатираше претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски на седницата на ДИК, објавувајќи ја конечноста на резултатите од гласањето за Претседателките избори од 8 мај.

Записникот за конечност на резултатите од гласањето беше усвоен едногласно на седницата. На новоизбраната претседателка, врачени и се Уверението за избор за претседател на државата и за претстојната инаугурација.

За постапката за сумирање на резултатите за Претседателските избори до ДИК немаше приговори, додека за Парламентарните кои се одржаа исто така на 8 мај се доставени девет од Коалицијата Вреди, осум од ВМРО-ДПМНЕ,  пет од СДСМ и четири од Левица.  Даштевски посочи дека станува збор за групни приговори со опфатени повеќе избирачки места.

На спроведените  Претседателски избори избори врз основа на записниците од избирачките одбори и  од општинските изборни комисии ДИК утврди дека вкупниот број на запишани избирачи во Избирачкиот список изнесува 1 814 317, од кои гласале 861 218. Неупотребени се 953.121 гласачки ливчиња. Важечки се 812.899 гласачки ливчиња, неважечки 48.289, а процентот на избирачи кои гласале изнесува  47,47.

По објавувањето на конечноста на изборните резулатати за Претседателските избори, ДИК треба да достави извештај до  Собранието за да биде закажана седница за инаугурација на новата претседателка.  Таа пред пратениците од стариот состав треба да даде свечена изјава по која и започнува да тече нејзиниот мандат.

Универзитетската професорка Гордана Сиљановска – Давкова ќе биде шестиот претседател на  Македонија и прва жена која е избрана на оваа позиција.

Во првата изјава по прогласувањето на резултатите таа рече рече дека гласовите на граѓаните се непроценлива награда за неа, која значи огромна одговорност како идна претседателка на Македонија.

„Се прашувам неколку часа, со што ја заслужив оваа чест, јас знам дека се подготвував, знам дека се посветив на кампањата, знам дека го зборував она што го мислев, а не она што некој очекува да го слушне, наградата е непроценлива за мене“, рече Силјановска Давкова.

Изрази незадоволство од бојкотот на претседателските избори од страна на ДУИ, оценувајќи го како политички притисок. Во своето обраќање, додаде дека ќе биде претседателка на сите граѓани.

Гордана Силјановска-Давкова

Родена е на 11 мај 1953 во Охрид. Основно и средно образование завршила во Скопје (1973). Дипломирала на Правниот факултет во Скопје (1978), каде што и магистрирала. Докторирала пред комисија предводена од проф. Франц Град со „Cum laude“ на Правниот факултет во Љубљана, на тема „Local Selfgovernment – between Norms and Reality“ во 1994.

Била избрана за асистент по предметот политички систем на Правниот факултет во Скопје (1989), за доцент по уставно право и политички систем (1994), а потоа и за редовен професор во 2004. Била член на Уставната комисија на Собранието на РМ (1990-1992) и министер во Владата на РМ (1992-1994). Експерт за избори на ООН и потпретседател на групата Независни експерти за локална самоуправа при Советот на Европа. Член на Венецијанската комисија. Автор е на стотина научни трудови за уставното право и политичкиот систем.

На парламентарните избори во 2020 година, Силјановска беше носител на кандидатскиот список за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата во Изборна единица 1. Од август 2020 година, таа е пратеник во македонското Собрание.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button