Во чест на големиот македонски празник Илинден, Домот на културата „Кочо Рацин“ во Јабука беше место на средба на поети, уметници и љубители на пишаниот збор. На вторите по ред Илинденски поетски средби, одржани под покровителство на Македонскиот национален совет, поезијата и музиката уште еднаш ги поврзаа македонската култура, традицијата и пријателството меѓу творците од регионот.
Модератор на манифестацијата беше поетот Драган Петковиќ од Јабука, кој и оваа година собра бројни автори околу идејата Илинден да се одбележи и преку силата на поетскиот збор. Присутните ги поздрави претседателката на Македонскиот национален совет, Зорица Митровиќ, која го истакна значењето на ваквите културни манифестации за зачувување и афирмација на македонскиот јазик, културата и литературното творештво.

Поетската вечер доби посебна топлина со музичката придружба на гитара на Жељко Тоѓераш, чија изведба ја надополни поетската програма и придонесе за свечената и пријатна атмосфера во Домот на културата.


Признание за долгогодишен придонес кон поезијата
Еден од најемотивните моменти на вечерта беше доделувањето Повелба за долгогодишен придонес во промовирањето на поезијата и поврзувањето на уметниците во регионот. Признанието му беше врачено на Мирко Томовски од Охрид, роден во Јабука, кој по многу години повторно го посети своето родно место. Неговото враќање во Јабука ѝ даде посебна симболика и емотивна димензија на годинашната манифестација. Со истата Повелба беше одликуван и Мирко Видоески од Македонија, кој минатата година беше почесен гостин на првите Илинденски поетски средби. На средбата беше најавено и дека добитник на ова признание во 2027 година ќе биде истакнатиот поет Виктор Шеќеровски.

Поети од повеќе градови обединети во Јабука
На вторите Илинденски поетски средби со свои стихови настапија Зорица Тодоровска Јаковљевиќ од Бајина Башта, Нада Кљајиќ од Баранда, Миливој Форгиќ, Драгослав Лацковиќ, Виктор Шеќеровски, Видак Масловариќ, Мајо Даниловиќ, Благоје Ж. Поповиќ, Живко Николиќ, Милан Ѓериќ, Јасмина Павловиќ, Билјана Трбоиљевац и Жана Пешевска од Белград, Александар Сингер Дрндаревиќ од Ќуприја, Емина Хилиќ од Качарево, како и Милена Мркела и Миливоје Јовановиќ од Панчево. Различните поетски гласови и творечки изрази се споија во една заедничка порака – дека културата, јазикот и уметноста се мостови што ги поврзуваат луѓето и генерациите.
Вечерта помина во духот на поезијата, музиката, пријателството и почитувањето на македонската културна традиција, потврдувајќи дека Илинденските поетски средби во Јабука постепено прераснуваат во препознатлива културна манифестација.
Со своето второ издание, средбите покажаа дека Јабука има потенцијал да стане традиционално место на собирање на поети и љубители на литературата, но и место каде што преку пишаниот и изговорениот збор се чуваат, негуваат и афирмираат македонскиот јазик, култура и идентитет.



