Да во театарската уметност уживаат и најмалите сведочат насмевките и до последното место исполнета салата на Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Јабука, во рамките на Детскиот театарски фестивал. Во текот на двата фестивалски дена пред публиката се претставија драмските трупи од Јабука, Белград, Зрењанин и Тетово. Претставите имаат едукативен карактер и се интерактивни, велат учесниците.
– Театарот „Малиот принц“ од Јабука го отвори годинашниот Детски театарски фестивал со претставата „На ливада криза “. Реакциите на публиката беа одлични, тие беа воодушевени од настапот, а особено од најмладите членови на нашата дружина – вели Ивана Иваноски, раководител на драмската трупа.
– Ова не е првпат да учествуваме на овој фестивал и секоја покана ни е се подрага. Драго ми е што овој театарски фестивал продолжува да трае, бидејќи тоа е нешто што навистина и треба на нашата земја, на народот, а најмногу на најмалите што доаѓаат. Овој пат подготвивме интерактивна претстава „Италијански берберин“, се надевам дека децата добро ќе се забавуваат и уживаат – вели Жељко Алексиќ, директор на Детскиот театар „Максимус Арт“ од Белград.
Овој фестивал има и меѓународен карактер, па така меѓу учесниците се најде и Драмското студио од Тетово, со изведба на претставата на македонски јазик наречена „Волшебна кутија“.
– Подготвивме едукативна претстава која зборува за моралните вредности. Мислам дека на симпатичен начин се претставени доброто и лошото. Претставата е на македонски јазик, но сигурен сум дека најмалите ќе ја разберат и ќе учествуваат во драмата. Имаме добра соработка со Домот на културата во Јабука и се надевам дека ќе имаме и во наредниот период заеднички пројекти, бидејќи во ова место живее голем број Македонци и треба македонскиот јазик да се слуша секаде каде што живеат – изјави Игор Бачовски, претседател и управител на Драмското студио од Тетово.
Организатор на фестивалот е Домот на култура „Кочо Рацин“, со поддршка на Министерството за култура и информирање, Покраинскиот секретаријат за култура и Градот Панчево.
– Годинава подготвивме богата програма за нашите најмлади, вкупно шест претстави. Задоволни сме од одзивот на децата. Како и изминатите години, салата беше исполнета до последно место, вели Маријана Загорац, директорка на Центарот за култура „Кочо Рацин“.
Таа вели и дека во наредниот период, пред новогодишните празници, ќе биде организирана културно-уметничка програма наменета за најмладите.