Во преполната сала на КИЦ во Белград, на Македонска 30, се одржа музичка вечер посветена на Нина Спирова, една од најголемите македонски интерпретаторки, чиј препознатлив глас остави силна трага и на пошироката југословенска музичка сцена.


Вечерта беше дел од проектот „Портрети“, посветен на македонски уметници кои живееле, работеле и стекнале голема популарност во Белград и Србија. По минатогодишниот портрет на Зафир Хаџиманов, годинашниот циклус започна со Нина Спирова, а ќе продолжи со програми посветени на Маја Оџаклиевска и Бети Ѓорѓевиќ.
Песните „Еден бакнеж“, „Молчи, молчи“, „Ти езеро мое“ и други познати мелодии добија ново музичко руво во интерпретација на Александар Стоименовски, во придружба на проф. Саво Милетиќ на клавијатури. Реакциите и аплаузите на публиката покажаа дека песните на Нина Спирова и денес будат силни емоции и спомени.





