ВестиЗапознавањеКултураМакедонија

Ој, Македонијо, колку ли уште ни треба за да те домакедончиме! – На денешен ден е роден Гане Тодоровски

На денешен ден во 1929 година во Скопје е роден Гане Тодоровски, поет, преведувач, есеист, литературен критичар и историчар, публицист, антологичар, културолог, редактор, фолклорист, театролог, сценарист, универзитетски професор, академик, амбасадор.

Тодоровски студирал на Филозофскиот факултет во Скопје, каде што дипломирал на групата за југословенски книжевности. Пред и во текот на студиите работел како новинар. Сиот работен век го поминал како наставник на Филолошкиот факултет во Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, каде што ги предавал предметите Нова хрватска литература и Македонската литература во XIX век. Член бил на Друштвото на писателите на Македонија и на Македонскиот ПЕН-центар. Бил еден од основачите и претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата и прв претседател на МААК (Движење за македонска акција). Бил прв амбасадор на Македонија во Руската Федерација. Бил член и на МАНУ.

Како вонсериска, водечка и раздвижувачка творечка фигура на македонската литература од втората половина на XX век, чии дела суверено и супериорно се простираат во областа на литературната уметност и литературната наука, тој е појава со непроценлив и мисионерски придонес во современата културна историја на Македонија, со повеќестран опсег на креативни, научни и културолошки интереси; културен двигател на важни процеси на современата литературна, културна, научна и национална афирмација на Македонија. Починал на 22 мај 2010 година.

Можеби најпознатата негова творба е „Фуснота без повод“, која ви ја пренесуваме во продолжение.

Фуснота без повод

Ги оставивме мускулите на село,
ги оставивме легендите, ливадите, лошините,
зареците, клетвите, благословиите,
дотековме како пролетен порој — одненадеж,
за да мy станеме квасец на градот,
за да му станеме озон на градот,
за да му станеме фермент на градот,
за да го помакедончиме Скопје —
Ој, Македонијо, малодушна и кибарна,
кај ти е без нас алот!

Дотековме во град по весници, по cтpyja,
пo телевизори, пo стадиони, no кина,
пo бањи домашни, по чисти клозети, по тротоари,
дојдовме за да дринчиме секој први
пред благајните,
дотековме, дотрчавме, доклинкавме, —
Ој, Македонијо, кај ти е без нас алот!

Ој, Македонијо, градска и социјалистичка,
натема ти го селото обескозено,
обезлуѓено, како по чума поморија,
Ој, Македанијо, сo пет епископи
и илјада икони испокрадени,
Ој, Макадонијо со сојузни министри
и судбина на периферија.
Ој, Македоиијо, со јоги душеци, со терени за
скијање,
со пленуми, со црква автокефална,
со тела самоуправни, со штедни книшки,
со приватни земјоделци, со коли половни,
со сметки девизни, со дефицитарно осигурување
со први домати во Републиката,
со четиринаесет академици, со безброј политичари,
со евтин зеленчук, со таан-алва,
со голем број дипломи и со ниски плати,
со две затворени граници, со трета хипокритска
и четврта замислена, —
Ој, Македонијо на конкурси и конгреси,
на два Илиндена и филмови нетитлувани
на македонски, —
О, Македонијо, пленумска, синдикална,
од лани уште синодална, автокефална,
колку ќе биде платен тутунот годинава?
Колку (кредит ќе ветат банките?
Колку ли уште приватни крчми ќе отвориме?
Колку девизи надвор ќе депонираме?

Ој, Македонијо, со голем број неписмени,
со академија на науките и уметностите,
со беспрекорна грижа за народностите,
со мал тираж на весници, со многу пензии,
колку навистина ќе биде платен тутунот?

Ој, Македонијо, кај ти се селата мијачки?
Кај се Помаците? Кај се ветросаа?
Кај се Егејците? Кај се витосаа?
Ој, Македонијо, распослана од Узбекистан
до Анадолија, Канада и Австралија,
од Балтик до Карпатите,
до немај-каде, до глувчина дупка,
до канцелариите на бирократите.
Ој, Македонијо, не пати за Патакос,
многушто уште ќе доживееме!
Ој, Македонијо, пушти го родот нека се растура
небаре семето Хамово, небаре проколнатици.
Живите треба да живеат, мртвите ќе починуваат
а безработните ќе трагат пo работа.
Ој, Македонијо, науми почит кои мртвите,
збери ги коските на своите закубеници,
коските Мисирковите, коските Цепенковите,
коските Ѓорче Петровите,
прибери ги во Скопје,
покpaj Гоцевите, покрај најсветите,
и крени крај нив паметник
на неродениот Македонец —

Ој, Македонијо,
колку ли уште ни треба
за да те домакедончиме!

Но, Тодоровски напишал многу стихови, а едни од најубавите му се за жените, додека има напишано и една песна за Тоше Проески. Прочитајте ги!

Песни за жената

1.

Жената е… жената е …
Бело маче годиначе,
речна слатка тресопатка,
вита ива миризлива,
мека трева што подгрева,
боцкав венец крај кладенец,
мрава, сешто што преправа,
кревко птиче назимниче,
тивка соба во злодоба,
прва љуба до прељуба,
свила што се распостила,
лето в сенка засолнето,
глина полна сончевина,
утро в сина виделина…

2.

Жената е… жената е …
гиздавица, жегавица, кивавица,
лизгавица, лигавица, ждригавица,
брадавица, државица, ракавица,
секавица, плусквица, букавица,
кукавица, валавица, палавица,
рскавица, витлавица, капавица.
брблавица, наздравица, и — лавица!

3.

Жената е… жената е …
Мома грда немаЖЕНА,
мома лична премаЖЕНА,
мома вредна трижмаЖЕНА,
млада вдова натаЖЕНА
пресна плуска раздраЖЕНА,
прва љубов разнеЖЕНА,
доцна вечер поснеЖЕНА,
златна лира обжеЖЕНА,
злост трижклета наеЖЕНА,
жед в сто грла намноЖЕНА,
ѕвезда в дланки доблиЖЕНА,
младост в жили раздвиЖЕНА,
мајка кутра загриЖЕНА,
сказна долга најслоЖЕНА,
жар во искри разлоЖЕНА,
желба в живот продолЖЕНА,
немаштина задолЖЕНА,
моќ со занес воруЖЕНА,
нејаснина опкруЖЕНА,
таа ЖЕНА … ЖЕНА … ЖЕНА!

4.

Жената те… жената те …
загледува, подгледува, надгледува,
завабува, забавува, заграбува,
преграбува, заслабува, доабува.
настрвува, зацрвува, оветвува,
расчувствува, блаженствува, тиранствува,
поседува, последува, проследува,
прославува, исправува, претставува,
прејадува, појадува, дојарува,
подгребува, прегребува, погребува,
досадува, засладува, подмладува,
зацедува, прецедува, доцедува,
у-ва, а-ва, и-ва,
да е жива! да е жива!

За Тоше Проески

Има еден,
има еден многу,
многу човек,
белки цело човештво е,
чунки живо божество е.

Има еден, има човек
од човека почовек е,
прецедена човештина,
преточена убавина.

Топлината на душата
ти ја дава да ја згрееш,
бистрината на главата
ти ја дава да успееш.

Тој со зборови те гледа,
тој со очите ти збори,
малкузборник,
многусторник.

Те облекува во грижи,
но го сретнеш ли,
ти среќата
цел живот ќе ја имаш.

Го виде ли,
видовит си!
Го снема ли,
тешко тебе.

Има така,
има таков
многу човечен
твое е да го бараш.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button