БлогВести

Од каде започна и до каде стигна македонската држава

Македонската држава оваа година одбележа 31 година од остварувањето на вековниот сон на бројни Македонци – независност и сувереност. На почетокот на деведесетите години важеше за единствен светол пример на просторот на поранешната југословенска држава. Додека единиците на југословенската армија во Словенија и Хрватска се бореа да го зачуваат територијалниот интегритет на заедничката југословенска држава, која од политички аспект веќе беше распадната, македонската држава тивко го подготвуваше својот пат кон независноста и сувереноста. Тогашните македонски политичари патот го одеа внимателно, свесни за економската немоќ на конечно независната македонска држава, свесни за неспособноста да се во тој момент брани од евентуален напад, било да е од југословенската војска, било од некоја друга соседна држава.

Ама на крајот успеаа. Со сите перипетија, со оспоруваното име од страна на Грција, со последиците од Лисабонската декларација, со изјавите на тогашниот француски претседател Митеран, дека „секое племе на Балканот сака да има своја држава“, сепак македонската држава застана на нозе – независна, суверена и членка на Обединетите нации.

И кога се чинеше дека проблемите се завршени, дека македонскиот народ конечно доби своја држава, татковина, баш таа независна и суверена македонска држава влезе во епоха на проблеми од кои до ден денес се нема излечено. Прво грчкото економско ембарго заради спорењата околу уставното име, па бегалците од косовската војна, па конфликтот со албанските терористи во 2001 година, па блокада за зачленување во НАТО 2008 година па се до бугарското вето последните три години, кога конечно доби зелено светло за почеток на преговорите со Европската унија, ама како се чинат работите, секој чекор во тие преговори дополнително ќе биде условуван.

Кога је стекна независноста во 1991 година се чинеше дека единствено оваа држава ќе успее на патот до успехот. Прво таканаречената Бадинтерова комисија се изјасни дека всушност само македонската држава исполнува услови за независност, а потоа, имајќи ги во предвид нејзините евроатлантски аспирации, делуваше дека баш македонската држава прва ќе се стекне со полноправно членство и во Европската унија и во НАТО.

Меѓутоа работите на теренот не се одвиваа во тој смер. Покрај регионалните проблеми македонската држава „до гуша беше удавена“ и од проблеми на внатрешен план. Високото ниво на корупција, криминализираната политичка елита, фаворизирањето на партиските пред државните и национални интереси ја донесоа македонската држава на работ на егзистенцијата. Со поделено општество, не на етничка, туку на политичка и економска линија, со масовен егзодус на младите, со политичари на кои и ден денес крајната цел им е како подолго да се задржат на власт.

И така од година во година се до денес, до одбележувањето на 31 роденден. И кога ќе се навратиме наназад и погледнеме со се не се соочила македонската држава, ќе испадне дека, иако не е успешна, сепак премногу е идржлива. И таа и нејзините граѓани кои секојдневно се борат на работ на егзистенцијата. Кои секојдневно се на линијата условувања помеѓу подоброто утре и македонскиот идентитет. Демек едното и другото не одат заедно. Или тоа е само теза во македонскиот случај.

Како и да е, македонската држава го доживеа 31 роденден. И баш на тој ден почина и британската кралица Елизабета која на тој трон беше полни 70 години. И можеби овој роденден на македонската држава ќе остане и само по тоа запаметен. Не дека тој датум не е за паметење, сепак станува збор за монарх кој оставил траен печат во британската и светската историја, ама, од другата страна, македонската држава сеуште нема ниту траг од својот печат оставено, ниту едно нешто што ја чини посебна, реална, одржлива, а веќе 31 година се мачи, и самата со себе, и заедно со своите граѓани.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button