Творештвото на еден од најзначајните и најчитани современи македонски писатели Венко Андоновски претставено е во Народната библиотека на Србија, по повод одбележувањето на 15 години работа на здружението ,,Македониум“ од Белград. Во рамките на програмата промовирана е неговата најнова книга ,,Папокот на светлината“ за која што неодамна ја доби меѓународната Толстоева награда за книжевност ,,Јасна Полјана“. Со оваа награда, името на македонскиот писател се придружува како деветто на листата на досегашните осуммина добитници: Џулијан Барнз (Велика Британија), Ју Хуа (Кина), Рут Озеки (Kанада-САД), Орхан Памук (Турција), Марио Варгас Љоса (Перу), Патриша Данкер (Велика Британија), Хернан Ривера Летелиер (Чиле) и Амос Оз (Израел).
- Најголема награда за мене се читателите. За една година овој роман има веќе 4 изданија, што за една мала земја како Македонија, која е и во економска криза, значи дека луѓето читаат и сакаат да читаат. Ако не читаме, ќе се расчовечиме нема да бидеме луѓе веќе – истакнува Андоновски.
Во разговорот, кој го водеше претседателката на здружението Македониум Зорица Митровиќ, писателот истакна дека ,,Папокот на светлината“ го пишувал буквално како да дише.
- Во “Папокот на светот“ се постави прашањето Дали може човекот да го промени светот? Партијата со големо “П“ во овој прв роман е тоталитарна организација која се храни со просечноста, и го прогонува младиот човек, главниот лик Јан Лудвиг не е тоа. Тој како натпросечна личност, е непотребен дури и штетен за “Партијата“ и завршува песимистички. Сега во моето најново прозно дело„Папокот на светлината“ ќе го поставиме прашањето “Што се смени од тогаш“ ? Тука „Партијата“ е целото човештво каде се потребни само просечни, послушни. Јан Лудвиг 20 години подоцна се прашува „Можно ли смислата да биде само во послушноста, просечноста, во тие тоталитарни системи“. Што е злото во човекот? „Зошто почесто го избираме злото, меѓу кое е и таа послушност?“ Тука дојдов до некоја виша реалност која треба да ја бараме. Затоа овој роман се однесува на светлината. Не е ралигиозен, морам да кажам, иако некои така го претставуваат. Јан Лудвиг доброволо се трга од светот во егзил, оди на Хиландар, за да ја побара смислата на животот. Човек мора во нешто да верува, мора во нешто да најде смисла. Човекот е суштество кое може без храна 14 дена, без вода 7, ама без смисла – ниту една секунда. А што ќе се случи со моите деца, со најновите генерации? Дали и тие ќе бараат смисла во Христос и уметноста? Тие живеат во корпоративно, консумеристичко општество на задоволување на најосновните потреби, и откако ќе ги задоволат, веќе немаат интерес да се обеспокојуваат со прашањето што е смислата на животот. За нив смислата на животот е да ги задоволат потребите: да имаат убава облека, да имаат убав автомобил, добро платена работа. Тоа е денешниот свет и тука не помага лелекање. Затоа реков – јас сум конзервативен во тој поглед, барам подлабока смисла од задоволување на страстите и потребите.
Промоцијата предизвика големо внимание кај присутните, бидејќи Венко Андоновски секогаш има што да каже, мудри мисли кои наведуваат на многу размислувања.
Вечерта заврши со многу емоции и дружба со писателот, а секретарот на здружението Ранко Бебекоски му врачи членска карта на здружението Македониум број 301 и посака среќа во понатамошниот ангажман во здруженито.