Објавени резултатите на Пописот во Србија – колку не има?
Републичкиот завод за статистика денес ги објави првите конечни резултати на Пописот спроведен во 2022 година, за вкупниот број на жители во Република Србија, во однос на полот и националната припадност.
Во Србија има вкупно 6.647.003 жители, од кои 51,4% се жени а 48,6% мажи. Најмногу, како и на претходните пописи има Срби 5.360.239 (80,64%) а покрај нив постојат уште 20 етнички заедници чија бројност е поголема од две илјади припадници. На второ место по бројност се граѓаните на кои што националноста им е непозната 322.013 (4,84%), а 136.198 (2,05%) не се изјасниле за својата национална припадност.
Од оние кои што национално се изјасниле, на второ место по бројност се Унгарците, кои ги има 184.442, потоа следат Бошњаците со 153.801 и Ромите со 131.936 припадници. Останатите народи и нации се под еден процент на застапеност.
Освен Албанците, кои го бојкотираа Пописот во 2011 година само уште Бошњаците и Русите бележат раст на бројот на припадниците на своите заедници, додека кај сите останати малцинства бројките се знатно намалени. Најголем пад бележат Црногорците и Власите 47 и 40%, а најмал Горанците и Ромите 0,86% и 10,61%. Во апсолутни бројки, најголемиот пад евидентиран е кај унгарската и хрватската заедница, кои бројат 70.000 односно блиску 20.000 припадници помалку.
Оваа тенденција не ја заобиколи ни македонската заедница во Србија, па така во однос на претходниот попис бројката е намалена за 35%. Македонското национално малцинство во Србија брои 14.767 припадници кои што се изјасниле како Македонци, и тоа 7021 во Војводина, 4293 во Белград и 3.453 во централна и јужна Србија. 8.663 од нив се жени, додека 6.104 се мажи.
Во колоната ,,Остали” прикажани се збирните податоци за етничките групи, кои што имаат помалку од 2000 припадници (Ашкајлии, Цинцари, Чеси, Грци, Италијани и други), како и за граѓаните кои двојако се изјасниле (Србин-Македонец, Унгарка – Југословенка, Црногорец-Србин и друго), а та бројка во однос на претходниот попис е зголемена за 23%. Интересно е и дека за 16% е зголемен бројот на оние кои се декларирале како Југословени, додека ставката непознато е зголемена речиси 4 пати во однос на претходниот попис.
Резултатите на Пописот, како за македонската така и за другите малцински заедници во Србија покажа загрижувачка состојба која што побарува системска анализа најпрвин во самите заедници, на ниво на сите малцинства и на крајот на самата држава.