Здружението на Македонците „Вардар“ од Вршац организира театарска изведба за деца и возрасни „Со кајче низ Македонија“ на 17 декември во 18 часот, во кино салата на Центарот за култура. Во претставата, за прв пат, учествуваат и најмладите членови на драмската секција на ова здружение.
Учителката Калина и чичко Гоце ја водат публиката низ Македонија и нејзините градови. Со песни, приказни и анегдоти публиката ќе ги запознае Охрид, Скопје, Куманово и другите градови, најавуваат организаторите.
– Неодамна со работа започна драмската секција на Здружението „Вардар“ која, засега, ја посетуваат десет деца. Ова е наш прв настап, наменет е за деца, но и за возрасни, бидејќи веруваме дека ќе биде подеднакво интересен за сите. Претставата е двојазична, на српски и на македонски јазик. Публиката ќе има можност да слушне интересни приказни и анегдоти од чичко Гоце, кој, како што и самиот вели, е стар три века и најдобро ја познава историјата на Македонија, од античко време до денес – најавува Дарко Ристески.
Сценариото и режијата се на Анѓелија Стојановиќ и Дарко Ристески, кои покрај децата ги играат главните улоги.