ВестиКултураМакедонија

Културно-дипломатски мост на уметноста: Вевчани – Белград по повод 23 Октомври

По повод одбележувањето на празникот 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, Македонскиот национален совет заедно со македонската амбасада во Белград и Министерството за култура и туризам на Република Македонија, организираа ликовна изложба ,,Мостови на уметноста: Вевчани – Белград“ на Меѓународната ликовна колонија ,,Вевчански видувања”. Изложбата свечено ја отвори Министерот за култура и туризам на Република Македонија Зоран Љутков , во присуство на многубројни гости, меѓу кои и српскиот министер за култура Никола Селаковиќ, претставници на дипломатскиот кор во Србија, и претставници на македонската заедница во Србија, во галеријата ,,Озон” во Белград.

На изложбата се претставени уметнички дела од над 25 македонски и српски уметници, кои преку својот творечки израз го доловуваат духот на заедништвото, дијалогот и креативната енергија што ја поврзува уметноста во овие две држави. Изложбата е резултат на долгогодишната успешна соработка меѓу уметничките заедници на двете земји, поттикната од Министерството за култура и туризам и амбасадите на двете држави.

Изразувајќи задоволство што присуствува на отворањето на изложбата на дела од познатата „Вевчанска колонија“, министерот Љутков нагласи дека станува збор за посебен културен настан кој не само што ги спојува Вевчани и Белград, туку и ги поврзува уметниците, идеите и инспирациите кои ги надминуваат границите.

„Вевчанската колонија е ликовна рефлексија на нашата богатата македонска изворна традиција, која со љубов ја чуваме за идните генерации. Од скромните почетоци пред петнаесет години, неуморните вевчански уметници создадоа мост кој поврза повеќе земји во регионот и светот“, нагласи министерот Љутков, потенцирајќи дека оваа изложба е моќен аргумент за важноста на културните врски меѓу нашите народи и потврдува дека културата е вистински мост за меѓусебно разбирање.

Министерот Селаковиќ на присутните најпрвин им се обрати на македонски јазик. Тој истакна дека кога пред дваесетина години за прв пат ги посетил македонските места Вевчани, Лабуништа, Радожда и Струга, не можел ни да претпостави колку се јаки мостовите кои ги спојуваат Србија и Македонија и Србите и Македонците.

– Најцврстиот мост помеѓу Вевчани и Белград и мост што ги спојува двете братски земји го изградил Михаило Идворски Пупин, нашиот прославен научник, по потекло од југозападниот дел од Македонија, кој до крајот на својот живот чуствувал грижа за тој крај, за што говори и гестот кога на охридската црква Пресвета Богородица им подарил големо ѕвоно. Мостовите постојат за да ги спојуваат бреговите, а мостовите на оваа изложба спојуват многу повеќе од тоа – порача Министерот Селаковиќ.

Претседателката на Македонскиот национален совет Зорица Митровиќ истакна дека преку Советот кој оваа година одбележува и 20 години од своето основање, е создаден уште еден мост на пријателство и зближување меѓу двете земји и култури, во чии односи голем удел имаат и претставниците на заедниците. Ги поздрави и учесниците од Друштвото на ликовни уметници Македонци во Србија – ДЛУМС, кои традиционално учествуваат во оваа Меѓународна ликовна колонија.

Во културно уметничката програма, на присутните им се претстави Вероника Мона Богиќ, која со својата виолина ги исполни препознатливите македонски мелодии.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button