Во Народниот театар во Белград, на 1. април ќе биде изведена операта „Севилскиот бербер“ од Џоакино Росини во изведба на на Македонската национална опера и балет под диригентско водство на Иван Еминовиќ .
Режисер е Урсула Хорнер (Австрија), сценограф Марија Ветероска, а костимограф Марија Пупучевска.
Операта ќе биде изведена на големата сцена на Народниот театар во 19:30 часот. Оваа соработка е во рамките на „Отворен Балкан“, меморандум кој кон крајот на септември 2022 го потпишаа директорот на Националната опера и балет Васо Ристов, директорот на Народен театар од Белград, Светислав Гонциќ и директорката на Народен театар на опера и балет од Тирана Абигиела Воштина.
Изведувачката екипа, во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет, ја сочинуваат: Васко Здравков (Фигаро), Билјана Јосифов (Розина), Благој Нацоски (гроф Алмавива), Владимир Саздовски (Дон Базилио), Невен Силјановски (Дон Бартоло).
Дејствието од операта се одвива во Севилја. Розина е млада девојка која е заљубена во грофот Алмавива. Младиот и убав гроф секојдневно пее под прозорецот на Розина со цел да и се приближи. Но, Розина ја чува стариот доктор Бартоло, кој сака да се ожени за неа и не и дозволува да излезе од куќата. Фигаро, личниот бербер на Бартоло, им помага на Розина и Алмавива да се запознаат, претставувајки го Алмавива како учител по пеење. И додека Фигаро го бричи Бартоло, Розина и Алмавива се договараат околу својата иднина. За да ја остварат заедничката љубов, на Розина и Алмавива им помага Фигаро, така што им носи матичар и сведоци. Во тој момент се одвива венчавката, а стариот Бартола мора да ја прифати победата на младоста и љубовта.