ВестиИнформирање

Jавна расправа за Акцискиот план за остварување на правата на националните малцинства во Србија

Во Палата Србија се одржа јавна расправа посветена на Предлогот на Акцискиот план за остварување на правата на националните малцинства за периодот 2026–2029 година, на која активно учество зема и претседателката на Македонскиот национален совет. Настанот собра претставници на надлежните државни институции, националните совети, експерти и граѓански организации, со цел заеднички да се разгледаат предложените мерки и да се унапреди планската рамка за следниот трогодишен период.

Во рамките на расправата беа презентирани клучните приоритети, предизвици и потреби на националните совети на националните малцинства, при што особено внимание беше посветено на унапредувањето на системот на финансирање. Присутните нагласија дека стабилното, транспарентно и предвидливо финансирање претставува основа за ефикасно спроведување на надлежностите во областа на образованието, културата, службената употреба на јазикот и информирањето.

Посебен акцент беше ставен и на неопходноста од дефинирање јасни, мерливи и применливи показатели кои ќе овозможат континуирано следење и реална процена на напредокот во остварувањето на правата на националните малцинства. Учесниците се согласија дека систематското мерење на резултатите е клучно за подобрување на јавните политики и за поголема транспарентност во работењето на институциите.

Државниот секретар во Министерството за човечки и малцински права и општествен дијалог, Иван Бошњак, во своето обраќање ја истакна подготвеноста на Министерството да ги разгледа можностите за зголемување на буџетските средства наменети за работата на националните совети. Тој посочи дека веќе во текот на следната година, поради претстојните избори за национални совети, ќе се јави потреба од дополнителни финансиски средства, како и засилени медиумски ресурси за правилно информирање на јавноста и за непречено спроведување на изборниот процес.

Претставниците на националните совети, меѓу кои и Македонскиот национален совет, го поздравија отворањето на дијалогот и укажувањето простор за унапредување на предложениот Акциски план, истакнувајќи дека континуираното партнерство меѓу државните органи и националните заедници е од суштинско значење за заштита, унапредување и целосно остварување на малцинските права во Република Србија.

Прикажи повеќе

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Погледнте и
Close
Back to top button