БлогВести

Гоце Делчев во фокусот на спорењата помеѓу Скопје и Софија

Како се наближува датумот на одбележување на годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, така односите помеѓу Скопје и Софија се се повеќе затегнати.

4 февруари е датумот кога е роден македонскиот револуционер, за кој Бугарите сметаат дека е Бугарин кој всушност се борел за автономна Македонија во рамките на големата бугарска држава.

И така од ден во ден. Но, да бидеме попрецизни, тензиите се пред се на политичко ниво, затоа што е тоа пред се занимлива игра за политичарите со екстремни ставови и позиции, за оние кои немаат ништо друго и конкретно да им понудат на граѓаните.

Затоа што на сите им е јасно дека Гоце Делчев бил Македонец. Затоа што на сите им е јасно дека тој се борел за автономна Македонија, како чекор кон стекнување на потполна незавиност, а не како Бугарин кој само посакувал автономност на македонската територија во рамките на бугарската држава.

Всушност таквата бугарска теза е спорна и во историски и во правен контекст. Па на секој најобичен граѓанин му е јасно дека никој не се борел низ политичката историја за автономност, а да негова крајна цел не била независност. Па по некоја таква логика на нештата можеме да ја толкуваме и улогата на Гоце Делчев. Зошто, ако навистина бил Бугарин, би се залагал за автономна македонска територија која би била на некој начин административно самостојна? Зошто на некој бугарски великан во интерес би била било каква поделба на единствената бугарска територија по административни линији во која суштински Софија ја губи моќта?

Ама тие нешта Бугарите и современата политичка елита во Софија ја негираат. И чинат се спротивно на тоа, тврдејќи не само дека Делчев е Бугарин, не само дека македонската држава е всушност втора бугарска држава, туку одат до таму тврдејќи и дека македонскиот народ всушност е бугарски, но дека се уште не е свесен за тоа како последица на индоктринацијата на режимот во социјалистичката Југославија.

Ама ајде да бидеме реални. Животот и делото на Гоце Делчев не се така далеку во историјата. Па тој живеел, творел и делувал пред само еден век. Не станува збор за историско поглавје кое не е документирано. Баш напротив.

И до каде стигнавме. Човекот кој го разбрал „светот како културно поле за натпревари меѓу народите“ го направивме носечка точка за спорења помеѓу Македонците и Бугарите.

Со сите сличности и блискост, и географска, и културолошка и традициска, бугарските и македонските граѓани станаа најголеми непријатели благодарејќи на политиката на оние чии интерес е само останување на власт и ништо повеќе.

Стигнавме до тоа да одбележувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев биде настан оквалификуван од висок ризик, наместо да биде собир на почитувачите на делото на големиот македонски херој каде ќе се разменуваат убави зборови за тоа кој и што бил Делчев, што можеме денес да научиме од него.

Стигнавме до тоа да ја направиме оваа годишнина прилика за разменување на навреди, да ја направиме оваа годишнина место за расправии, наместо прилика заеднички да учиме од историјата и минатото, а исто така заеднички да ја градиме иднината – почитувајќи ја различноста помеѓу едните и другите.

Е тоа е дело на современите политичари во Софија, кои се толку европски, само што се уште не добро запознаени со европските вредности, на кои толку се повикуваат.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button