Иницирано основање на Фондација ,,Македонски училишен центар“ во Србија со седиште во Лесковац
На иницијатива на Македонскиот национален совет, организиран е состанок на тема ,,Образование на македонкси јазик во Србија” на кој се сретнаа македонските наставници кои ја изведуваат наставата за изборниот предмет ,,Македонски јазик со елементи на националната култура” во Нови Сад – Снежана Алексиќ Станојловиќ, Вршац и Гудурица – Охридија Димитровска, Пландиште – Ивана Вицикнез, Лесковац – Иванан Стојановска Станковиќ и Сања Ристиќ, Печењевце Ана Мирковиќ и Богојевце – Јована Пешиќ, и претседателката на одборот за образование Маре Каранфиловиќ. На состанокот присуствуваа и Ивана Цветковиќ членка на Советот и некој со најголемо искуство во воспоставувањето и организирањето во оваа област, македонските активистки од Белград Искра Пенева и Елизабета Јорданоски, како и директорката на основното училиште ,,Бора Станковиќ” од Богојевце Татјана Гавриловиќ.
Состанок е организиран со цел наставниците да се запознаат меѓу себе и разменат искуства во изведувањето на наставата, како и да се согледат сите аспекти и можности на унапредувањето на оваа област. Претседателката на Одборот за образование Маре Каранфиловиќ ги запозна присутните со актуелната состојба и новините кога станува збор за законската рамка, плановите и програмите, како и учебниците на македонски јазик кои што таа ги подготвува. Истакна дека во текот на септември месец Министерството за финансии ги уплати средствата на Заводот за нискотиражни учебници, кој што ги печати и нашите учебници, а кој не функционираше повеќе од две години. Изрази надеж дека за брзо време ќе имаме можност да ги обезбедиме на сите ученици, од I до IV одделение и дека во подготовка се и новите учебници, кои што би требало да бидат влезени во процес на одобрување до крајот на оваа година.
Претседателката на Советот Зорица Митровиќ ги изнесе плановите и предлозите во наредниот период во оваа област, поврзани со одбележувањето на јубилејот 20 години од основањето на Советот, како и започнувањето на процесот на изработка на нова стратегија во областа на образованието. Една од активностите ќе биде литературен конкурс за учениците кои што го учат македонскиот јазик во Србија, на тема ,,Помеѓу двете татковини”. На денот на свеченоста кога ќе се одбележува јубилејот ќе бидат доделени 3 први награди во 3 категории: од 1 – 3, 4 – 6 и од 7-8 одделение. Наградата ќе се вика ,,Борче Величковски” и ќе биде доделувана секоја година, на различни теми, по повод одбележувањето на Денот на Советот. Во исто време, ќе биде распишан и конкурс за наставниците кои што ја изведуваат наставата на македонски јазик, на тема ,,Јас-македонски наставник”.
Заедно со секретарот на Советот Марјан Јованоски, ги посочија и активностите кои што ќе бидат спроведени на крајот на училишната година, во координација со Одборот за образование, со цел да се започне изработката на нова стратегија во оваа област, бидејќи претходната стратегија истекна во 2023 година. Истакнаа дека ваквите состаноци ќе бидат пракса во иднина, а фокусот на Советот ќе остане во оваа област.
Претставени се и плановите за пилот проекти – работилници кои што ќе бидат спроведени до крајот на оваа година, а доколку се покажат како успешни во текот на наредната година ќе бидат спроведувани во сите училишта. Една од работилниците што ќе биде одржана во Јабука ќе биде шаховска, за што е веќе постигнат договор со шаховскиот клуб ,,Аљехин” од Панчево. Искра Пенева и Елизабета Јорданоски, македонските активистки од Белград, ќе организираат и ликовна работилница со учениците, на која што ќе биде изработен календар за наредната година на Националниот совет.
Снежана Алексиќ Станојловиќ од Нови Сад одржа презентација наречена ,,Македонија во срцето” во рамките на која го претстави својот начин на работа и активности на часовите по македонски. Таа изрази задоволство од предложените активности на Советот и истакна дека со ваквиот начин на работење резултатите нема да изостанат.
Ивана Цветковиќ ја истакна и потенцираше важноста во мотивирањето на учениците и нивните родители во запишувањето на изучување на овој предмет како клучна активнот.
Состанокот резултираше со иницијатива за оснивање на Фондација, наречена “Македонски училишен центар” со седиште во Лесковац, која што ќе се бави со унапредувањето на оваа област, преку реализација на различни програми и проекти, кои што ќе имаат можност да конкурираат и бидат финансирани од различни локални, покраински и републички органи.
На состанокот присуствуваше и директорката на ОУ „Бора Станковиќ“ од Богоевце Татјана Гавриловиќ, која што истакна дека во нејзиното училише македонскиот јазик го учат 70 ученици во 9 групи, од прво до четврто одделение. Изрази желба дека оваа бројка во иднина ќе биде поголема.