ВестиОбразование

Донација на книги и лектири на македонски јазик за учениците во Лесковац и Богојевце

Иако Организацијата „Вешта жена“ од Тетово е препознатлива низ цела Македонија по манифестациите во кои жените се натпреваруваат која поубаво и поквалитено ќе подготви јадење, нејзините членки се горди на тоа што со текот на годините успеале да достигнат уште една поголема улога во општеството. Во соработка со Ивана Цветковиќ активистка на Македонскиот националниот совет во Лесковац, спроведена е акција на собирање и донација лектири и книги на македонски јазик на училиштата ,,Бора Станковиќ” во Богојевце и ,,Коста Стаменковиќ” во Лесковац во кои што се изучува изборниот предмет Македонски јазик со елементи на националната култура.

Членките на организацијата го посетија здружението ,,Илинден” од Лесковац, а потоа и двете училишта во кои што наставниците и учениците подготвија пригодни програми, за гостинките од цела Македонија.

Во оваа акција собирање на лектири и книги за деца од училишна и предучилишна возраст се вклучија активистките на организацијата од Тетово, Скопје, Струга, Гостивар, Велес и Куманово.

  • Се надеваме дека книгите ќе им помогнат на децата за поубаво да го научат јазикот, како и на наставниците во предавањата и часовите. Со голема љубов и ентузијазам ја спроведовме оваа акција. За многу брзо време собравме над 600 книги. Нашата соработка ќе продолжи и во иднина – истакна Снежана Стојановска иницијаторката на оваа акција и претседателката на организацијата.

На настанот, покрај активистите на здружението ,,Илинден” од Лесковац, присуствуваше претседателката на Македонскиот национален совет Зорица Митровиќ.

  • Навистина сме многу благодарни на оваа организација и на успешно спроведената акција. Се надеваме и дека во иднина ќе успееме да оствариме и институционална соработка со матичната држава, која во изминативе години изостануваше – посочи Митровиќ. Таа на гостинките од Македонија им возврати со подарок книги од издаваштвото на Македонскиот информативен и издавачки центар.

Во двете училишта, на приредбите покрај учениците и наставниците присуствуваа и директорките на основните училишта Татјана Гавриловиќ и Александра Сибиновиќ. Тие ја истакнаа добрата и успешна соработка која што преку Ивана Цветковиќ ја остваруваат со Македонскиот национален совет, и изразија надеж дека таа ќе се сподобри и унапредува во иднина на задоволство на сите.

Вештите жени од Македонија најавија уште неколку акции кои што ќе ги срповедат на овие простори за учениците кои што го изучуваат македонскиот јазик.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button