Cензација на годината, Македoнијо, ти си чудо!
Македонија славеше со 1-0 против Италија во Палермо во полуфиналето на баражот за пласман на Светско првенство (СП) во Катар и сега е главна тема во балканските и светските медиуми.
Сите можеби очекуваа победа на Италија, меѓутоа Македонија направи огромно изненадување, а тоа го одбележаа сите светски медиуми.
„Епска Македонија, италијанска трагедија, италијански срам го остави европскиот шампион без Мундијал…“, се само дел од насловите на светските медиуми.
Победата над Италија, актуелниот првак на Европа, за македонската репрезентација донесе огромен скок на ФИФА ранг листата. Со нешто повеќе од дваесет бодови на своето конто Македонија застана на 60-та позиција. Пласманот ќе биде уште подобар ако тимот на Благоја Милевски приреди изненадување и на дуелот со Португалија во вторник.
Секако дека ФИФА рангирањето ќе биде во втор план на натпреварот против Португалците. Во игра е пласман на Мундијалот во Катар, што ќе биде нов историски подвиг на оваа златна генерација македонски фудбалери.
Во девет децении квалификации за планетарните смотри, Италија досега немаше ниеден пораз на домашен терен, а билансот на 59 натпревари беше 48 победи и 11 нерешени резултати. Ова е прв пораз иако не доаѓа во групна фаза, туку во дополнителни квалификации.
Победата над Италијанците доаѓа една година по историскиот резултат во Дуизбург. Тогаш македонската репрезентација заедно со претходниот селектор Игор Ангеловски успеа да ја шокира големата Германија на гостински терен.
Победувањето на актуелниот европски шампион и обезбедувањето финален бараж против Италија донесе огромна еуфорија помеѓу нашите навивачи. Победата се славеше до раните утрински часови.
Македонската репрезентација во период од една година постигна два неверојатни резултати.
Во март лани, на натпревар одигран во Дуизбург, нашиот национален тим успеа да ја шокира Германија. Тогаш Горан Пандев и Ељиф Елмас им пресудија на фудбалерите предводени од Јоаким Лев.
Дванаесет месеци подоцна се случи ново чудо, овојпат во Палермо. Италија падна на колена пред Македонија, која со голот на Александат Трајковски се пласира во финалето од плеј-офот за пласман на Мундијалот во Катар.
Ретко се случило репрезентација со низок ранг како македонската да победи два великани од врвот на ФИФА ранг листата. Тоа доволно кажува колку оваа генерација на фудбалери е способна за големи работи и успеси кои вечно ќе се паметат.
Следува дуел со Португалија, која ќе ни биде домаќин на „Драгао“ во Порто. Тој меч се игра во вторник во вечерниот термин од 20:45 часот.