Македонската заедница во Србија со посебна чест и гордост имаше можност да ја проследи изложбата Емотивни патувања на познатиот македонски вајар Никола Смилков, чие што отворање се одржа на 15 септември во Ликовниот салон во Нови Сад.


Изложбата беше извонредна можност љубителите на уметноста да се запознаат со творештвото на еден од најрепрезентативните современи македонски уметници, чии дела низ годините инспирирале публика во Македонија и надвор од неа. Со својот специфичен стил и длабока емотивност, Смилков преку скулптурата и формата создава патување кое го надминува секојдневието и допира до најсуптилните човечки чувства.



На свеченото отворање на оваа значајна културна манифестација присуствуваа претседателката на Македонскиот национален совет Зорица Митровиќ, секретарот на Советот Марјан Јованоски, како и директорот на НИУ „Македонски информативен и издавачки центар“ Озрен Симјановски. Нивното присуство претставува потврда за важноста на ова културно збиднување, кое е дел од напорите за афирмација и промоција на македонската култура во Србија.
Сите љубители на уметноста, пријателите на македонската заедница и пошироката јавност се поканети да бидат дел од оваа неповторлива изложба, во која се слави креативноста, уметничката визија и духовното богатство што го носат „Емотивните патувања“ до 28 септември.