
На 22 мај 2025 година, во просториите на Градската библиотека во Белград, се одржа свечена академија по повод 24 Мај – Денот на словенските просветители Светите Кирил и Методиј, во организација на Здружението на граѓани од македонска националност „Македониум“ под покровителство на Македонскиот национален совет.
Гостин-предавач на настанот беше проф. д-р Симона Груевска-Маџоска, редовен професор и научен советник при Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, и актуелен претседател на Советот за македонски јазик при Владата на РС Македонија. Таа одржа предавање на тема: „Толковниот речник на македонскиот јазик и други лексикографски изданија“, предизвикувајќи голем интерес и поттикнувајќи плодна дискусија со присутните.

Настанот беше мошне посетен, а атмосферата свечена и инспиративна. Особена благодарност беше изразена за континуираната активност и посветеност на здружението „Македониум“ во зачувувањето и афирмацијата на македонскиот јазик, идентитет и култура меѓу Македонците во Србија. Модератор на настанот беше Искра Пенева, координаторка на манифестацијата Денови на македонската култура во Белград.
Во своето обраќање, проф. д-р Груевска-Маџоска апелираше до институциите во Република Северна Македонија да покажат поголема поддршка за ваквите здруженија надвор од матичната држава, и притоа истакна потреба од отворање лекторат за македонски јазик во Белград, кој моментално не постои.
„Ако сами не се грижиме за нашиот јазик, идентитет и култура – нема кој друг да се грижи“, нагласи таа.

На академијата настапи хорот „Македониум“ со внимателно одбран репертоар, со што беше оддадена почит на делото на браќата Кирил и Методиј и нивниот немерлив придонес за словенската писменост и култура.
Здружението „Македониум“ со оваа свеченост уште еднаш потврди дека е важен столб на македонската заедница во Србија и продолжува активно да работи на негување на нашето културно и јазично наследство. На настанот присуствуваа и претставниците на Македонскиот национален совет, претседателката Зорица Митровиќ и секретарот Марјан Јованоски, како и директорот на Културно информативниот центар во Белград Васко Шутаров.