
Македонските песни „А од љубов не се бега“, „О, ти пиле, пиле славеј“, „Рајна на порти стоеше“, „Давај ме, мила мамо“, „Заветна“ … се дел од репертоарот кој беше изведен на концертот пред преполната сала во „Академија 28“ на 9-ти мај 2025 година со кој ансамблот „Македониум“ го одбележа својот јубилеј – десет години постоење. Концертот насловен како „Македонски музички мозаик“ беше организиран како дел од традиционалната, 14-та манифестација „Денови на Македонската култура – Допир на Македонија 2025“, која е поддржана од страна на Македонскиот национален совет во Србија, Буџетскиот фонд за национални малцинства и Министерството за култура на Република Србија, како и Министерството за надворешни работи на Македонија.





Гости на сцената беа Културно-уметничката заедница „Колан“, пејачките групи „Луњина“ и „Срма“, како и хорот на Основното училиште „Доситеј Обрадовиќ“ од Умка.
Концертот беше од хуманитарен карактер, а приходите од билетите беа наменети за повредените во пожарот во Кочани кои се опоравуваат во болниците во Белград како и за нивните семејства кои престојуваат во главниот град на Србија.








Деветгодишната Катја Василев исто така се придружи на хуманитарната акција, донирајќи примероци од нејзината прва книга, збирка песни „Деца на светот“.

