Денот на македонскиот јазик свечено одбележан во Ниш

Во Нишкиот културен центар свечено е одбележан Денот на македонскиот јазик – 5 мај, во организација на Здружението на Македонците „Вардар“ од Ниш, со поддршка на Македонскиот национален совет.

Претседателот на Здружението „Вардар“, Благе Петрушевски, потсети дека од своето основање во 2002 година, здружението неуморно работи на зачувување на македонскиот јазик како клучен елемент од националното културно наследство. Тој нагласи дека Денот на македонскиот јазик е воспоставен како потсетување на неговото историско признавање и стандардизација, но и како повик за негова заштита, изучување и секојдневна употреба – како во Македонија, така и меѓу дијаспората низ светот.


Претседателкана на Македонскиот национален совет Зорица Митровиќ истакна дека, на заштитата и промоцијата на јазикот, културата и традицијата на македонската заедница во Србија веќе две децении активно работи и Националниот совет. Во Србија, македонскиот јазик моментално се изучува во десет основни училишта, а во тек се подготовките за негово воведување како изборен предмет и во едно училиште во Ниш.


На настанот присуствуваше и градоначалникот на градот Ниш Драгослав Павловиќ, кој истакна дека српскиот и македонскиот народ се два најблиски народа кои низ историјата секогаш чекореле заедно, се бореле против исти непријатели, ги делеле истите неволји и заеднички се грижеле за зачувување на својот јазик, идентитет и вера.


Во рамките на програмата прикажан е документарниот филм, како и документарната изложба ,,20 години на Македонскиот национален совет”.