ВестиИнформирање

Согласност за надминување на недоразбирањата меѓу Македонците во Србија

Претседателката на на Македонскиот национален совет во Србија Зорица Митровиќ оствари средба со претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров, на која разменија информации и искуства за работата на Светскиот Македонски Конгрес и Македонскиот национален совет во Србија, како и за планираните активности во до крајот на 2024-та и идната 2025 година.

Зорица Митровиќ и Тодор Петров позитивно ги оценија македонско-српските билатерални односи и се согласија на нивно натамошно продлабочување, како и на унапредување на положбата и правата на Македонците во Србија и на Србите во Македонија како најдобри амбасадори на двете соседни држави.

Петров и Митровиќ го поздравија канонското единство и евхаристиска заедница помеѓу Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и Српската Православна Црква и позитивно ја оценија нормализацијата на македонско-српските црковни односи.

Претседателот на СМК и претседателката на Македонскиот национален совет во Србија изразија желба за натамошна меѓусебна соработка, координација и размена на искуства и информации со цел унапредување на положбата и правата на Македонците во Србија и светот.

Претседателката на Македонскиот национален совет во Србија и претседателот на СМК повикаа на семакедонско помирување и обединување заради одбрана на името на државата Македонија и идентитетот на Македонскиот народ.

Соговорниците укажаа дека независно од разликите помеѓу Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во светот и татковината, Македонија е нашиот еден и единствен заеднички именител и содржател. Сите Македонци во светот, според можностите и условите, треба да ги афирмираат и штитат македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски и државен идентитет, континуитет, наследство и простор.

Претседателката на Македонскиот национален совет во Србија информираше околу подготовките за одбележување на 20-годишниот јубилеј од формирањето на Македонскиот национален совет во Србија во 2004 година и за активностите кои во таа насока се превземаат до крајот на годината.

Митровиќ и Петров изразија согласност за надминување на сите недоразбирања меѓу Македонците во Србија и подготвеност за нивно усогласување, особено доколку водат кон афирмативни активности и резултати.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Погледнте и
Close
Back to top button