ВестиИнформирањеОбразование

ЈАВЕН ЧАС ЗА СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ ВО ВРШАЦ

По трагите на Св. Кирил и Методиј помина, по втор пат, екипата на ЗГМНЗ „Вардар Вршац“ заедно со учениците коишто го учат македонскиот јазик во ОУ „Моша Пијаде” во Гудурица, децата на членовите на Здружението, како и учениците од училиштето за странски јазици ЕС Магистра.

Со поддршка на Македонскиот национален совет, низ неколку работилници, во текот на месеците мај и јуни, учесниците го изучуваа животот и делото на македонските и сéсловенските просветители. За време на работилниците, учениците научија стихотворби и песни посветени на Св. Кирил и Методиј, вежбаа драматизации и учеа македонски јазик. Сето тоа е крунисано со јавен час на 21-ви јуни, кога екипите во состав: Јована Блажин, Софија Величковски и Душан Блажин, од една страна,  а Анѓела Терек, Елена Живојнов и Никола Гвоздиќ од друга страна (на возраст од четврто до седмо одделение) се натпреваруваа во познавање на Моравско-панонската мисија на македонските свети браќа Кирил и Методиј, која претставува почеток на словенската писменост и премин на Словените во Христијанство.

Од IХ век наваму нивното историско патување и просветување ги надахнува луѓето во сите времиња. Со оваа тема се инспирираа и учесниците на програмата на јавниот час: Верица Преда, Наташа Простран и Јована Блажин, коишто ги изведоа своите авторски творби на словенски јазици. Во текот на програмата учениците од Гудурица го изведоа игроказот „Разговор со интерпункциските знаци“ (Анѓела Терек, Фатима Рамадановиќ, Есмералда Азировиќ и Нијаз Азировиќ ).

Добредојде на публиката и посака најмладиот член на македонското здружение во Вршац, Лазар Милојевиќ, додека програмата ја водеше Бранкица Блажин.

На јавниот час присуствуваше Зорица Митровиќ, претседателка на Националниот совет на македонската национална заедница во Србија, во придружба на секретарот Марјан Јованоски и финансискиот советник Јелена Јаќимовски. Претседателката Митровиќ во своето поздравно обраќање, со пригодни зборови го пофали вложениот труд и успешно реализираниот проект „Св. Кирил и Методиј“ – македонските и сéсловенските просветители”.

Програмата беше проследена од многубројна публика, членови на Здружението, родители, пријатели и љубители на културен израз.

Денот на словенската писменост и култура се одбележува во Македонија, Русија, Украина, Бугарија, Чешка, Словачка, а од 2019. година и во Србија. Благодарејќи на Покраинскиот секретаријат за образование, прописи, управа и национални малцинства и на Националниот совет на македонското национално малцинство и здружението „Вардар Вршац“ се придружи во обележувањето на овој значаен празник.

Целокупната манифестација ја подготвија менторките: Ленка Стојановиќ и Охридија Димитровска.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Погледнте и
Close
Back to top button