Награда за животно дело на Виктор Б. Шеќеровски
Во рамки на деветтата меѓународна поетска манифестација „Охридски поетски бисер” на писателот и поет Виктор Б. Шеќеровски од Белград му беше доделена награда за животно дело, која симболично се состои од диплома и икона со ликот на Богородица. Првата награда за творец од дијаспората ја доби поетесата Ангелина Бачева Орбовиќ од Белград. Доделувањето на наградите се одржа на 29ти јуни во духовното светилиште во Охрид, во предворјето на црквата „Пресвета Богородица – Перивлепта”, на која настапија и поети од Македонија, Србија, Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Настанот го организираше Здружението за литература и култура „Охридски поетски бисер“ со поддршка на градот Охрид.
Виктор Б. Шеќеровски е поет, есеист, литературен критичар, преведувач, еден од најголемите афирматори на македонскиот јазик, култура и лингвистика во Србија. Автор е на повеќе литературни дела и збирки поезија на македонски и на српски јазик. Член е на Друштвото на писателите на Србија и на Друштвото на писателите на Македонија. Беше долгогодишен директор на издавачката куќа Графос и Југограф од Белград, како директор и главен уредник на Новинско информативнот центар „Македонски информативен и издавачки центар” во Србија, со седиште во Панчево. Во исто време бил главен и одговорен уредник на списанието „Македонска виделина” и на списанието за литература, култура и уметност „Видело”. Добитник е на повеќе книжевни награди во земјата и странство. Живее и твори во Белград.