Пролетниот дел од манифестацијата Денови на македонска култура во Белград „Допир на Македонија“ во траење од четири дена, беше затворен со поетско-книжевна промоција – „Книжевни мостови“. Во рамките на настанот од страна на уредничката Даниела Андоновска Трајковска беше претставено списанието за култура, уметност и литература „ Современи дијалози “ на македонското научно друштво од Битола. Исто така од страна на Борче Панов уметничкиот координатор на Меѓународниот поетски фестивал „Караманови средби“ беше претставена издавачката едиција Караманов. Промоциите беа одржани во Библиотеката на градот Белград на 31.05.2024 година.
Во своето обраќање претседателката на Националниот совет на македонската национална заедница Зорица Митровиќ го нагласи значењето на Деновите на македонската култура во Белград и се заблагодари на здружението на Македонците од Белград – Македониум, на претседателката на здружението Елизабета Георгиева Јорданоски, како и на Искра Пенева за нивниот ангажман и организирањето на настаните на манифестацијата.
Во рамките на промоцијата пред белградската публика, уредничката Андоновска Трајковска го нагласи значењето на списанието Современи дијалози за литературата и културата воопшто на Македонија и истакна дека истото е препознато од страна македонското министерство за култура од каде што се финансира списанието во континуитет од неговото основање пред 10-тина години. Уметничкиот координатор на Меѓународниот поетски фестивал Караманови средби Борче Панов говорејќи за издавачката едиција Караманов, истакна дека носечката идеја и на фестивалот и на едицијата е промоција на придонесот на книжевникот Ацо Караманов за македонската поезија, книжевност и култура воопшто. Подвлече дека тоа најчесто се прави преку организирање на настани како Карамановите средби, но и преку издавање на книги, промоции и наградувања на меѓународно препознатливи писатели и преводи на нивните дела.
Истакна дека во 2016 година еден од наградените бил и Виктор Шеќеровски како тогашен директор на Македонскиот информативен и издавачки центар за неговиот придонес за македонската и српската книжевност и култура, но и за нивното поврзување. Промоцијата во Белград беше искористена да му биде врачена наградата, која тој потоа ја отстапи на Националниот совет на МНЗ како основач на Македонскиот информативен и издавачки центар. Истовремено, г. Панов ја искористи приликата да се заблагодари на поранешниот претседател на Здружението на книжевниците на Србија Радомир Андриќ за неговиот придонес за македонската книжевност, кој беше меѓу присутните гости на настанот.
Поетско-книжевната промоција беше збогатена со учеството на дуото на Миодраг Богиќ на виолина и Бисерка Маровиќ на клавир, но и со поетските читања на Виктор Шеќеровски, Ана Илијоска Богиќ и поетесата Љиљана Јанаќковиќ, која прочита стихови посветени на Томе Серафимовски.