БлогВести

Парламентарни и втор круг на претседателски избори во Македонија

Парламентарните и вториот круг на претседателските избори во Македонија се одржаа на 08 мај оваа година, во мирна, фер и демократска атмосфера со мали и незабележителни нерегуларности кои немаа големо влијание врз изборниот процес и изборните резултати. Право на глас имаа 1815350 граѓани, кои гласаa на 3477 избирачки места ширум Републиката. На претседателските избори се гласаше и во 31 ДКП-а во светот на кои право на глас имаше македонската дијаспора. На парламентарните избори се избираа 120 пратеници во Собранието на Македонија, за кои конкурираа 2040 кандидати на 17 изборни листи. Во трката за претседателските избори во вториот круг се избираше помеѓу кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова и актуелниот претседател и кандидат на СДСМ Стево Пендаровски, кои беа најдобро пласирани кандидати во првиот изборен круг одржан на 24 април. Изборната кампања започна со денот на распишувањето на изборите, која покрај соочување на програмите и заложбите на партиите од власта и опозицијата, содржеше и многу негативен набој и меѓусебни обвинувања.         

Врз основа на обработените избирачки места, Државната изборна комисија ги соопшти изборните резултати, иако во моментот на пишувањето на овој текст се одржува прегласување на неколку избирачки места во изборната единица број 5 и 6, каде што е возможно да се случат одредени промени во пратеничките мандати односно може да настане промена и 2 пратенички мандати дополнително да добијат коалициите околу ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН на сметка на владеачката ДУИ).

На претседателските избори на која излезноста беше 46,38% и со тоа се исполни потребниот цензус, доминантна победа извојува кандидатката на опозициската коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова која освои 561000 гласови односно околу 309000 гласови повеќе од Стево Пендаровски од СДСМ кој освои 251899 гласови.

Парламентарни избори – излезеност 53,41 %:

1. КОАЛИЦИЈА ЗА ЕВРОПСКА ИДНИНА – СДСМ – 154687/15,37% – 18 мандати

2. Коалиција “ТВОЈА МАКЕДОНИЈА“ ВМРО- ДПМНЕ – 436036/43,32% – 58 мандати

3. Коалиција ХРАБРО ЗА МАКЕДОНИЈА – ГРОМ – 4522/0,45% – 0 мандати

4. Коалиција “ЕВРОПСКИ ФРОНТ’’ – 137511/13,66% – 19 мандати

5. Политичка Партија ЛЕВИЦА – 68713/6,83% – 6 мандати

6. КОАЛИЦИЈА ВЛЕН – 107049/10,64% – 13 мандати

7. Движење ЗНАМ – За Наша Македонија – 56318/5,60% – 6 мандати

8. ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА – 1689/0,17% – 0 мандати

9. Политичка партија НОВА АЛТЕРНАТИВА Скопје – 3515/0,35% – 0 мандати

10. Политичка партија АВАЈА – 2909/0,29% – 0 мандати

11. ЕВРОПСКО ГРАЃАНСКО ДВИЖЕЊЕ – 241/0,02% – 0 мандати

12. Македонска Ера Трета – Суверенисти – 969/0,10% – 0 мандати

13. ТВОЈА ПАРТИЈА – 1794/0,18% – 0 мандати

14. РОДИНА МАКЕДОНИЈА – 1100/0,11% – 0 мандати

15. Политичка партија ДЕСНА – 535/0,05% – 0 мандати

16. Политичка партија ДЕМОКРАТИ Скопје – 913/0,09% – 0 мандати

17. РАБОТНИЧКА ПАРТИЈА – 452/0,04% – 0 мандати

Во првичните постизборни реакции на лидерите на партиите беше забележително големо задоволство во ВМРО-ДПМНЕ иако со забележително чувство на голема обврска и одговорност на лидерот Христијан Мицкоски во однос на големите очекувања кои се создадоа. Задоволство изразија и во таборот на коалицијата во албанскиот политички кампус ВЛЕН, бидејќи коалицијата иако освои помалку пратенички места од владеачката ДУИ, сепак е во фаворитска улога за потенцијален коалициски партнер на победничката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ, што беше најавувано и во текот на кампањата но и повторено во текот на изборната ноќ. Истовремено, задоволство од постигнатите резултати изразија и движењето ЗНАМ и партијата Левица. Видно незадоволство и разочарување владееше во коалицијата на СДСМ, особено што изборните резултати покажаа дека партијата доби историски минимум гласови и првпат од независноста на Македонија падна под 200 илјади гласови, односно историски најмал број на пратеници во Парламентот.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој им честиташе на граѓаните за исклучително мирната и демократска атмосфера на изборите, заблагодарувајќи се за огромната доверба и освоените 58 пратеници, потенцираше дека ова е најдобриот резултат на неговата партија и коалицијата околу ВМРО-ДПМНЕ од позиција на опозиција. Тој им честиташе на другите политички партии за постигнатите резултати и изрази задоволство од постигнатиот цензус и успешниот избор на Гордана Силјановска Давкова за претседател на државата и покрај активниот бојкот на ДУИ. Нагласувајќи дека потенцијален партнер во албанскиот политички кампус гледа во коалицијата ВЛЕН и евентуално движењето ЗНАМ, подвлече дека престојат тешки реформи и многу работа, но изрази уверување дека Македонија има иднина и дека децата во Македонија ќе живеаат многу подобро отколку денес.

Димитар Ковачевски, лидерот на СДСМ истакна дека партијата е разочарана од изборните резу.лтати и дека следи период на консолидација и промени во раководството на СДСМ во наредниот период.

Генерален заклучок е дека на изборите во Македонија, се потврдија согледувањата и анализите дека коалицијата околу опозициската ВМРО-ДПМНЕ е извесен и однапред познат победник со огромна предност пред политичките конкуренти. Се чини најголемата „победа“ на ВМРО-ДПМНЕ е во остварувањето на резултат кој овозможува сопствен избор на иден коалиционен партнер во рамките на албанскиот политички блок и со тоа избегнување на било каква условеност при формирањето на идната Влада на Македонија. Своевиден „добитник“ во овие избори е и листата на движењето ЗНАМ, бидејќи успеа да обезбеди влез во Парламентот со 6 пратенички мандати иако ЗНАМ беше формирана на 3 месеци пред изборите и од друга страна самото движење претходно воопшто не беше политички профилирано меѓу македонските граѓани. Главниот „губитник“ дефинитивно е Социјал демократскиот сојуз, кој освои скоро 3 пати помалку гласови и пратенички мандати во однос на претходните избори во 2020 година. Истотака, иако освои повеќе гласови и пратенички мандати во однос на ВЛЕН, сепак изгледа пирова ќе биде победата на ДУИ во рамките на албанскиот политички кампус со оглед на се по извесното преминување во опозиција во идниот состав на македонскиот Парламент. Резултатите од изборите говорат дека се полагаат големи очекувања во ВМРО-ДПМНЕ од страна на граѓаните, иако се чини голем дел од гласовите беа давани против СДСМ и нивното владеење. Очекувано граѓаните во Македонија дадоа огромна поддршка за борба против корупција, економски напредок и продолжување на евроинтегративните процеси, што всушност претставуваат и три најавени постулати на ВМРО-ДПМНЕ за работата на идната Влада на Македонија.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button