Филмското остварување на македонскиот режисер Вардан Тозија „М“ – дистописката приказна за осамено момче од шумата, кое наидува на низа предизвици и авантури, барајќи ја својата самовила, прикажан е во рамките на програмата на 19.издание на фестивалот „Слободна зона“ во Белград.
Филмот „М“ е втор долгометражен филм на Вардан Тозија. Сценариото тој го пишува заедно со Даријан Пејовски, а продуцентската палка ја дели со Дарко Попов. Филмот е работен со копродуценти од Франција, Хрватска, Косово и Лукембург. Актерската екипа која ја сочинуваат: Матеј Сиваков, Сашко Коцев, Александар Ничовски, Камка Тоциновски, Бојана Грегориќ Вејзовиќ, Верица Недеска, Владимир Тулиев, Оливер Митковски, Мирослав Петковиќ, Жаклина Петровска, Благоја Веселинов, Борис Дамовски, Јамина Билаловиќ, Михајло Миленковски и Тони Михајловски.
Кинематографер е Владимир Самоиловски, костимите се дело на Андреа Кустовиќ и Николина Костаншек, музиката е на реномираниот филмски композитор Натаниел Бергес (Nathanaël Bergèse) во соработка со францускиот ко-продуцент „Les Contes Modernes“.
На оваа белградска промоција на филмот присуствуваа и членовите на здружението ,,Македониум” кои после проекцијата организираа дружење со режисерот и актерската екипа на филмот.