БлогВести

Најновиот извештај на Европската комисија за македонската држава

Повторно се подвлекуваат истите мани кои институционалната инфраструктура на македонската држава ги имала, а богами со таква политичка елита и ќе ги има во наредните години, децении, а можеби и векови, доколку сеуште живеат граѓани во оваа мала земја. Политичката корупација е она што најмногу го замеруваат во официјален Брисел. Иако е наведен извесен напредок во процесот на прилагодување со европското право, сепак на македонската држава и се замерува корупацијата која во македонскиот случај е достапна на секое ниво.

Македонската држава, иако е кандидат, после Турција, со најдолг стаж на чекање за членство во Европската унија, сепак ниту малку не е припремена во случај на хипотетичко забрзано зачленување. Спремна е само на формално ниво, а суштината е никаква.

И ако се направи детална анализа на извештајот, најновиот, многу едноставно ќе се заклучи дека проблемот е на врвот на македонската инфраструктура, кај политичарите, кај политичката елита која секојдневно и на секој можен начин го злоупотребува за лични и политички цели секој државен ресурс, преостанат во случајот на македонската држава.

И тоа јасно се наведува во извештајот. Затоа што се критикува изразената партиска поларизација во Собранието. Затоа што се критикува новиот закон за корупција. Затоа што се критикува начинот за донесување на законски акти по брза постапка. Затоа што се критикува улогата на судската власт која тврди да е под огромен притисок на политичката елита. Затоа што се обвинува македонското раководство дека превземало обврски за менување на уставот, ама ништо до сега нема направено, после година ипол дена од првата формална меѓувладина конференција на Европската унија со македонската влада.

И тука не постои никаква замерка упатена кон народот и обичните граѓани. Затоа што состојбата е таква што на секој му е јасно дека вистинскиот проблем во македонската држава е политичката елита, и од едната и од другата страна – и никој друг.

Ама политичарите си продолжио по истиот, добро познат смер. Никој не седна да го анализира извештајот, да донесе вистински став зошто е баш таков, каков е. Туку веднаш влегоа во добро познатата секојдневна битка.

Власта ја обвини опозиција дека го блокира напредокот на македонската држава, тврдејќи дека блокадата за промена на уставот е единствената мана во извештајот.

Од другата страна, опозицијата ја обвини власта за неспособност, притоа соучествувајќи во битката на бескрајни обвинување и ниту една понуда на решение.

А зошто воопшто било кој од двете политички страни би нудел решение, кога и онака нивната цел е само освојување на власта, освојување на политичките фотелји и ништо повеќе.

Тие се и онака свесни дека македонската држава уште долго ќе чека на интеграцијата во Европската унија, додека пак македонските граѓани ќе продолжат да ја играат улогата на колатерална штета, и едните, и другите. И оние што ќе заминат во странство – барајќи подобри животни услови далеку од својата татковина, и оние што ќе останат дома и продолжат мака да мачат со секојдневните предизвици во преживувањето.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button